Продуктивноста подолго време е актуелна тема во државата и пречка во преговорите за повисоки плати меѓу синдикатите, работодавачите и Владата.
За едните работниците во државата не заслужуваат повисоки плати бидејќи не се продуктивни, за други пак македонските работници се многу повеќе продуктивни отколку што се платени.
„Локално„ побара објаснување од универзитетскиот професор и член на Советот на Народната банка, проф. д-р Синиша Наумоски кој во интервјуто појаснува што значи продуктивноста, како се мери, дали продуктивноста зависи само од работниците и дали навистина продуктивноста во државата е ниска.
Како се дефинира и најчесто мери продуктивноста на работната сила во економската теорија и практика?
Продуктивноста, во најширока смисла, претставува однос меѓу влезот и излезот во процесот на производство. Во економската теорија, најчесто се дефинира како количина на производ или додадена вредност создадена по единица вложен труд — односно, колку „вредност“ создава еден работник во даден временски период. Во пракса, најчесто се користат индикатори како БДП по вработен, БДП по работен час или вредност на излез по единица трошок за труд. На микро ниво во компании, се користат KPI-мерки како output per employee, вредност на продажба по работник или производствени норми во однос на работните часови.
Дали постојат разлики во мерењето на продуктивноста во различни сектори индустрија, услужен сектор, јавна администрација?
Да, и тоа многу значајни. Во индустријата, продуктивноста е полесно мерлива бидејќи производот е материјален физички единици, тони, парчиња. Во услужниот сектор, пак, производот е нематеријален — услуга, знаење, контакт со клиент, што бара поинаков пристап, се користат индикатори како број на обработени клиенти, задоволство или вредност на трансакции. Во јавната администрација, продуктивноста е најтешко мерлива, бидејќи излезот не е комерцијален — тука се применуваат индиректни мерки како ефикасност на процеси, време на решавање предмети или квалитет на јавните услуги.
Може ли да се каже дека ниската продуктивност е резултат на самите работници, или се работи за пошироки системски фактори менаџмент, технологија, услови за работа?
Продуктивноста ретко е прашање само на индивидуалниот работник. Во најголем дел, се работи за системски фактори — организација на процесите, квалитет на менаџмент, достапност на современа технологија, начини на мотивирање и култура на работа. Истражувањата покажуваат дека истите работници, во различни компании или економии имаат драстично различна продуктивност, што потврдува дека системот и лидерството се клучни, а не човечкиот потенцијал сам по себе.
Колку влијае автоматизацијата или дигитализацијата на продуктивноста?
Влијанието е огромно. Автоматизацијата и дигитализацијата овозможуваат раст на продуктивност без пропорционален раст на трошоци. Со воведување на дигитални системи, аналитика, ERP и CRM платформи, компаниите елиминираат рутински задачи, го намалуваат административниот товар и добиваат поголема точност и брзина во одлучувањето. Истовремено, дигитализацијата создава нови можности за обука, следење на перформанси и персонализирање на работните процеси. Сепак, за да даде резултат, потребно е паралелно вложување во човечки капитал и организациска култура.
Какви се ефектите од ниските плати врз продуктивноста?
Ниските плати често создаваат демотивација, одлив на кадри и ниска лојалност, што директно ја намалува продуктивноста. Кога вработените не чувствуваат дека нивниот труд е соодветно вреднуван, се јавува феноменот „работи колку што си платен“. Покрај тоа, компаниите со ниски плати често не можат да привлечат или задржат квалификуван кадар, што води кон ниска иновативност и слаб технолошки напредок. Затоа, одржливата стратегија е рамнотежа меѓу продуктивност и награда, каде зголемената ефикасност се враќа преку повисоки примања и подобри услови.
Што може државата да направи за да го подобри нивото на продуктивност на работната сила?
Прво и основно, државата треба да создаде екосистем за продуктивност — комбинација од образование, технологија и инфраструктура. Конкретно треба да го подобри образовниот систем и врската помеѓу образованието и пазарот на труд, да ги поттикне инвестициите во дигитализацијта и истражувањето и развојот, како и поддршка на претпријатијата со обуки, ваучери и даночни олеснувања за модернизација, професионализација на јавниот сектор кој треба да биде пример за ефикасност и на крај стабилна економска и институционална рамка што создава предвидливост и сигурност за вложување во луѓе и технологии.
Б.С.