Интервју со Силвестри: Ниту една земја-членка на ЕУ сега не може сама да ја измени или да бара да се додаде дел во преговарачката рамка на С. Македонија

од Nikola Popovski

Јасно е дека во моментот има позитивен “моментум“, кој е важно да се искористи. Како што неодамна истакна нашиот министер за надворешни работи Тајани, иднината на Западен Балкан е во Европската Унија. Патот на Северна Македонија е трасиран, со добро дефинирана процедура. Со која брзина ќе се напредува, ќе зависи на прво место од вас, од тоа колку брзо ќе ги спроведете потребните реформи, за усогласување на вашето законодавство и вашите стандарди со европските, вели во интервју за „Локално“, италијанскиот амбасадор во земјава, Андреа Силвестри за европскиот пат на С. Македонија и преговорите со ЕУ.

За евроскептицизмот меѓу македонските граѓани, Силвестри истакнува дека се должи на предолго поминато време помеѓу добивањето на статус на земја членка и почетокот на преговорите.

Во однос на борбата против корупцијата, италијанскиот амбасадор посочува дека претставува комплексен проблем кој изискува интервенции на повеќе нивоа.

-Од оваа гледна точка со Владата и Државната комисија за спречување на корупција го споделуваме искуството се кое се стекнавме во Италија, исто така и преку нашата Национална антикорупциска агенција. Во суштина, феноменот има и „културолошка“ димензија, односно каков е ставот на народот во однос на истиот. Неопходно е сите – функционери и граѓани – да ја присвојат културата на легалноста, објаснува Силвестри.

Амбасадорот се согласува дека уставните измени се јазол што треба да се разреши.

-Затоа, одговорност на сите политички фигури е на најдобар начин да се соочат со ова прашање за јасно да ја покажат нивната поддршка за европската перспектива на земјата, ни рече Силвестри.

Процесот за Уставните измени влегува во нова фаза откако веќе беше креирана работна група. Каков епилог очекувате од целиот процес, со оглед на тоа дека опозицијата е категорична дека овој состав на Собранието нема да изгласа промена на Уставот?

-Создањето на посебна работна група е избор на Владата што има за цел да го појасни предметот на уставните измени кои се неопходни за да се продолжат преговорите за влез, во интерес на националната дебата по ова прашање и подобро разбирање на прашањата кои се во игра. Јасно е дека измените ќе мора да бидат изгласани во Собранието, согласно нормите кои се на сила. Во секој случај станува збор за јазол што треба да се разреши, порано или подоцна, под ризик да го забави процесот. Затоа, одговорност на сите политички фигури е на најдобар начин да се соочат со ова прашање за јасно да ја покажат нивната поддршка за европската перспектива на земјата.

Од американскиот претставник задолжен за Западен Балкан слушнавме деновиве еден вид прекор, кој во интервју вели дека ВМРО-ДПМНЕ не треба да го поддржува Ковачевски во неговите политики, туку треба да ја поддржат евроинтеграцијата на земјата. Држат ли вода обвинувањата дека опозицијата е против ЕУ или сето тоа е само дел од политичкиот фолклор кој владее во моментов со цел добивање глас повеќе?

-Не е мое да ги коментирам изборите на Владата и на опозицијата. Секоја од страните сноси свои одговорности и има свои стратешки политики, кои ги почитуваме. Сепак, се надеваме дека во основата на стратешките цели на земјата (а европската интеграција е сигурно најзначајната од нив) постои стремеж на меѓусебно доближување, отаде краткорочните тактики.

По ваше мислење, што претстои за Северна Македонија доколку не го фати „возот за Европа“ до септември, како што посакува вицепремиерот Маричиќ? Во сегашната геополитичка ситуација, дали земјава може да си дозволи нешто слично?

-Еден од парадоксалните ефекти на драматичната руска инвазија на Украина е тоа што му отвори простор на прашањето за проширување на Европската Унија, на исток и на Западен Балкан: по почетокот на преговорите за влез со Албанија и Северна Македонија, следеше и доделувањето на статус земја членка на Босна и Херцеговина, либерализација на визниот режим во Косово и забрзување на преговорите за нормализација на односите меѓу Србија и Косово. Јасно е дека во моментот има позитивен “моментум“, кој е важно да се искористи. Како што неодамна истакна нашиот Министер за надворешни работи Тајани, иднината на Западен Балкан е во Европската Унија. Патот на Северна Македонија е трасиран, со добро дефинирана процедура. Со која брзина ќе се напредува, ќе зависи на прво место од вас, од тоа колку брзо ќе ги спроведете потребните реформи, за усогласување на вашето законодавство и вашите стандарди со европските.

Како гледате на падот на доверба во ЕУ кај македонските граѓани? Дали е тоа само поради проблемот со Бугарија и условите кои се наметнуваат или и самата Унија тука има свој удел со држењето во чекална на земјава речиси 20 години?

-Факт е дека помеѓу добивањето на статус на земја членка и почетокот на преговорите поминаа 17 години. Несомнено предолго време! Тоа можеби ги разочарало или обесхрабрило граѓаните, разбирливо е. Истовремено, убеден сум дека од една страна напредокот на процесот за влез ќе придонесе за усвојување на реформи кои се во интерес на граѓаните, а од друга страна ќе ги направи сè повоочливи и останатите предности поврзани со европската интеграција. Убеден сум дека овие две работи заедно ќе придонесат да се даде обновен поттик на македонските граѓани за да бидат дел од ЕУ.

Скринингот се одвива веќе неколку месеци, Северна Македонија добива пофалби и од ЕУ за текот на процесот, но се ќе биде залудно доколку не се внесат Бугарите во уставот. Од нашиот источен сосед доаѓаат закани дека и ако успее процесот на Уставни измени може да дојде до вето, пред се поради однесувањето кон македонските Бугари. Премиерот повтори во неколку наврати кажа дека Македонија преговара со ЕУ, не со Бугарија, но можно ли е ново вето на патот? Односите како да се влошуваат со секој изминат ден…

-Сметам дека треба да расчистат можните недоразбирања. Преговарачката рамка беше усвоена од 27 земји членки минатиот јули. Ниту една земја членка сега не може сама да ја измени, да бара да се додаде или да се избрише некој дел. Точка. Потоа, секако, добрососедските односи остануваат важни и за целите на самиот процес (а пропо, очекуваме максимална одговорност од обете страни). Меѓу другото, секоја следна одлука за затворање на кластерите ќе треба да се донесе едногласно, врз основа на мислењето на Комисијата, но ова секако не е новост. И би додал, произнесувањето за овие кластери ќе се однесува на напредокот на реформите, а не на прашања за идентитетот и историјата.

Иако затегнатите односи, оправдувате ли блокада за влез на европратеници во земјава? Владата се правда дека го блокирала опкружувањето со кое патувал Ковачев, но некои аналитичари во земјава велат „си пукаме во нога“…

-Земајќи ги предвид прерогативите на европските пратеници, ги евидентиравме појаснувањата на Министерството за надворешни работи околу случајот.

Корупцијата и организираниот криминал е проблем кој ја „тоне“ земјава со децении, а Ковачевски неодамна се врати од посета кај Блинкен, со кој имале долг разговор за овие прашања. Каде, според вас, треба итна интервенција од институциите за да се доближи С.Македонија на, барем, приближно ниво до земјите-членки?

-Корупцијата претставува комплексен проблем кој изискува интервенции на повеќе нивоа; покрај судската власт, за спречување на можни кривични дела, тука е и законодавната власт, за да се избегнат дисторзии и превенираат ситуации кои придонесуваат кон тој феномен; но и административното ниво, преку кое може да се избегне да се создадат потенцијално нечесни однесувања. Од оваа гледна точка со Владата и Државната комисија за спречување на корупција го споделуваме искуството се кое се стекнавме во Италија, исто така и преку нашата Национална антикорупциска агенција. Во суштина, феноменот има и “културолошка“ димензија, односно каков е ставот на народот во однос на истиот. Неопходно е сите – функционери и граѓани – да ја присвојат културата на легалноста.

ЕУ знаменцето веќе се користи и за градење на коридори, за да се избегнат, барем според властите, блокадите од одредени пратеници. ЕУ како целина не го оправдува овој потег и вели дека тоа се користи пречесто за закони кои немаат врска со евроинтеграциите, но како вие гледате на ситуацијата, дали е оправдано за конкретниот случај?

-Потсетувам пред сè дека Собранието во целост се произнесе во корист на стратешката Програма од која произлегува предметниот проект. Што се однесува до процедурата на европското знаменце, станува збор за внатрешна парламентарна процедура, која беше создадена за да помогне за брзо усвојување на делови од европското право. Нејзината конкретна апликација зависи од Владата и од Собранието. Во дадениот случај, извршната власт се повика на поврзаноста на некои проекти за трансевропски транспорт кои беа одобрени од Европскиот Парламент, како и на опструкционизмот на опозицијата. Знам дека Европската Делегација побара појаснувања по тоа прашање и очекуваме да видиме каков ќе биде одговорот.

Како гледате генерално на односите помеѓу Италија и Северна Македонија и каде има простор за подобрување?

-Односите меѓу нашите две земји се многу интензивни и одлични од сите гледни точки; на политичко ниво, отсекогаш сме ја подржувале евро-атлантската интеграција на Северна Македонија. Откако беше постигната првата цел, односно влезот во НАТО, сега силно го поддржуваме и вашиот пат за влез во Европската Унија, како што свечено изјави и Претседателот на Републиката Серџо Матарела по повод неговата официјална посета во септември минатата година. Дека евроинтеграцијата на Западен Балкан е стратешка цел беше потврдено повеќе пати и од нашата нова Влада предводена од Џорџа Мелони. На културно ниво Италија и Северна Македонија делат повеќевековна историја на односи, на кои им даваме нов елан со бројни иницијативи, исто така и за да ја одбележиме триесет годишнината од воспоставувањето на дипломатски односи и да го поттикнеме познавањето на нашиот јазик и култура. На социјален план значајната македонска дијаспора во Италија е одлично интегрирана, како и нашите државјани кои живеат овде. Меѓучовечките односи се добри и поради тоа што споделуваме исти вредности. Секторот што би можел да се развива дополнително е можеби економскиот: веќе сме важни партнери во трговската размена и инвестициите, но веројатно би можело да се направи и повеќе. Има силна побарувачка за Италија која имаме намера да ја задоволиме.

Постојано слушаме реченици како „Македонија обиколница“, „Македонија во неповолно безбедносно опкружување“, „Македонија територија, а не држава“, „Македонија граница на ЕУ“ и генерално придавки со кои се посочува во негативен контекст земјава. Тука сте од Ковид-периодот, па каде ги гледате најголемите потенцијали на земјава и дали таа може да придонесе за подобрување на ЕУ семејството?

-Од моето пристигнување во оваа земја запознав навистина многу вредни личности, кои сочинуваат едно живо и динамично општество. Особено ме импресионираше македонскиот дочек, кој е многу топол и гостопримлив. Пријателството и семејството се вредности кои се сè уште длабоко вкоренети и пред сè меѓу младите е раширен европскиот менталитет. Секако, натежнува малку недоверба, која би требало да се надмине, верувајќи повеќе во перспективите и потенцијалите што вашата земја несомнено ги има. Друг аспект што би сакал да го нагласам е вашата навика на интеркултуралноста и на меѓурелигискиот и меѓуетнички дијалог, кои претставуваат ваша силна страна што може да биде валоризирана и во поширока европска рамка.

В.З.

Слични содржини