Интервју со Трипуновски: Незадоволството е големо во повеќе земјоделски сектори, ни требаат натчовечки напори да ги решаваме проблемите

од Vladimir Zorba
1,3K прегледи

Нови системски решенија и долгорични проекции кои треба да ја разбудат долгогодишната зачмаена ситуација во земјоделието. Министерот Трипуновски настапува со амбициозни планови кои ги опфаќаат суштинските сегменти на овој сектор, меѓу кои и проблемите кои се рак рана за замјоделците- осигурувањето и наводнувањето.

„Со ребалансот на буџетот, предвидени се средства за плати и надомест на вработените на АД Водостопанство како и за вработените во ЈП Национални Шуми. Ќе се зајакне капацитетот во водонабдубањето што би значело дека ќе се ќе стави силен фокус на наводнувањето на земјоделските површини зошто ова е битен, важен сегмент за квалитетни земјоделски производи“, вели во интервју за „Локално“ министерот за земјоделство Цветан Трипуновски.

Според проценките на Министерството, со ребалансот се предвидени пари и за исплата на сите неподмирени обврски кои според направените анализи изнесуваат над 80 милиони евра.

Во меѓувреме, ќе се работи на зголемување на извозот на виното, ќе се субвенционира складирањето на пченицата, а ќе се врати и производството на пченицата во количини поголеми од досега

Лозарите после долги години се задоволни од откупната цена што ја добија за двете најзастапени сорти грозје. Колку новата цена е во насока на мотивација на лозарите да продолжат со производство на грозје и да не ги напуштаат насадите?

-Минатата влада имаше тотален игнорантски однос кон лозарите. Ја потценуваа нивната мака и труд, иако тие постојано го креваа гласот за цените по кои се продаваат сортите на грозје кај нас. Да вистина е, со оваа мерка им дадовме насмевка на лозарите и мотив да не се откажуваат со производството на грозје. Ние важиме за винска држава и треба да работиме во насока на промоција на квалитетното македонско вино. Пред да се направат измени во цената за откупот на нашите сорти Вранец и Смедеревка имав интензивни/исцрпни средби и состаноци со земјоделските здруженија, винарски визби, потсекторска група, Федерација на фармери и слично. Се договоривме дека мора да се почитуваат законските правила и прописи, да се работи на квалитет и со зголемувањето на производните цени за 25% им излеговме во пресрет на лозарите. Производната цена на двете најзастапени сорти на винско грозје ќе изнесува 20,8 денари за „Вранец“ за 19 шеќерни единици и 18,3 денари за килограм грозје за „Смедеревка“ за 17 шеќерни единици. Секоја шеќерна единица што е плус ќе биде дополнително вреднувана односно исплатена. И Ви благодарам за вашиот заклучок со кој го започнавте прашањето за тоа дека после долги години лозарите се задоволни од откупната цена која ја добија.

Како земја на виното, што содржи вашата стратегија за зголемен извоз  а со тоа и поголеми девизни приливи?

-Да. Историјата на винарството во Македонија е испишана во далечното минато, со векови кај нас се одгледувале грозја и се правело квалитетно вино. Тајната за квалитетното вино се пренесувала преку генерации. Нашите вина имаат што би се рекло карактер и беспрекорен вкус, затоа и нашата стратегија ќе биде подолгорочна и ќе се работи во повеќе сегменти за зголемувањето на извозот. Ако преку првото прашање констатиравме дека лозарите се задоволни сега треба да работиме на следната констатација во која ќе направиме винариите да бидат задоволни а со тоа и девизните приливи да се зголемат во државата. Ќе работиме во насока на поголема промоција на македонското вино на светските пазари, на вмрежување со истоимени Министерства со странските држави и преговори на повисоко ниво.

Како може да се смири револтот кај одгледувачите на пченица и како ќе го стимулирате домашното производство на пченица? 

-Ако направите анализа ќе видите дека незадоволството е големо во повеќе земјоделски сектори, она што претходниците направија, нас како нова Влада и Министерство ни требаат натчовечки напори дел по дел да го решаваме. Конкретно за пченицата оваа година прв пат ќе се откупува пченица од македонски производители за стокови резерви. Секако дека ним ќе им даваме предност. На Влада се стопираше тековната набавка за стокови резерви се со цел да може да се ре-обнови и да се набави пченица од домашно производство. Ќе се субвенционира складирањето на пченица. Се надеваме дека во иднина земјоделците ќе ја сфатат поддршката што ќе ја имаат од оваа влада и ќе се врати производството на пченицата дури и повеќе од минатото. Нашите добри политики ќе бидат препознаени од земјоделците кои ќе бидат поттикнати да ја вратат пченицата на нашите полиња како некогаш.

Со ребалансот се изнајдоа пари за дел од заостанатите долгови но колкав е вкупниот наталожен долг и кон кого? Колку овие 1,25 милијарди денари ќе ја ублажат состојбата?

-Со ребалансот се предвидоа пари за исплата на останатите обврски, по програмите за финансиска обврска со што треба да се покријат сите неподмирени обврски од претходните години. По ребалансот ќе продолжиме со исплата и на останатите субвенции. Кога бев технички министер, со оние податоци со кои располагав јавно укажував на големиот долг за кој бев коментиран дека празно обвинувам, тие ги негираа моите предупредувања. Сега кога го превземав Министерството увидов дека севкупно долгот е некаде околу 5 милијарди денари.

И покрај бројните апели за осигурување во земјоделството, праксата покажува дека на тоа се помислува само при големи штети од поплави , град и суша. Како да се надмине оваа ситуација?

-Производителите на земјоделските производи често се соочуваат со низа на ризици кои непосредно влијаат на земјоделските приноси. Во најголем дел тоа се временските услови, природните катастрофи, болестите и штетниците. Значаен фактор се временските услови кои за жал не може да се контролираат и преставуваат главен извор на земјоделска неизвесност. Во постапка е донесување на закон за осигурување во земјоделството. Се работи за едно сеопфатно системско решение кое би било под капата на едно тело, при што ќе биде опфатен целиот процес од формирање на полисите до проценка и исплата на штетите. Тука нема да се даде можност за било какви манипулации и злоупотреби како што беше пракса во минатото. Би рекол ова е детално анализиран систем кој беспрекорно функционира во повеќе земји.

Колкави штети трпи земјоделието од сушата  и дали се размислува за можностите за софистицирани системи за наводнување, особено ако се земат за пример позитивните искуства од соседството, како на пример во Албанија?

-Наводнувањето е голем проблем. Ќе се потрудам да не звучам грубо но не можам да не ги потенцирам руинираните и нефункционални системи за наводнување. Водостопанство е во катастрофална состојба, таму ново-именуваните директори ќе се соочат со проблем кој е долгогодишен во поглед на неодржувани системи, незадоволни вработени кои со месеци не се платени за сработеното, немање на стручен кадар, превработеност и сл. Затоа со ребалансот на буџетот, предвидени се средства за плати и надомест на вработените на АД Водостопанство како и за вработените во ЈП Национални Шуми. Ќе се зајакне капацитетот во водонабдубањето што би значело дека ќе се ќе стави силен фокус на наводнувањето на земјоделските површини зошто ова е битен, важен сегмент за квалитетни земјоделски производи.

Дали имате направено анализа колкави се штетите од пожарите кои главно го зафатија источниот дел на земјата и како тие ќе се надоместат?

-Постојано наши екипи ја следат состојбата со пожарите која е алармантна, секако вие ги следите измените кои ги направиваме во изминатиот период. Анализите допрва ќе следуваат, не би сакал да шпекулирам. Штетите се огромни и ние како Министерство и Влада и во иднина во фокус ќе ни биде пошумувањето за кои ќе треба време за повторно да се обнови.

К.В.С.

Слични содржини