Интервју со Ванделт: Потенцијалот и интересот за нови деловни проекти во Македонија е голем, сложените бирократски процеси сè уште се предизвик

од Vladimir Zorba
1,4K прегледи

Фактот дека новата директорка на Делегацијата на германското стопанство во Македонија влегува на релативно проверен терен, имајќи  предвид дека Германија е трговски партнер број еден на Македонија со размена од речиси пет милијарди евра, не ја намалува тежината на нејзините претстојни задачи.

За Антје Ванделт една од првите ќе биде понатамошен развој на економската соработка во  делот  на снабдување со енергија и борбата со климатските промени. 

Германија со својот технолошки развој и трансфер на знаење, може да придонесе за понатамошно проширување на обновливите извори на енергија, а во оваа насока Ванделт ги посочува потенцијалите на хидроенергијата, енергијата од ветер, и особено на соларната енергија. 

„Покрај изградбата на соларните паркови, се работи и на промовирање и спроведување на идејата за поставување на соларни панели на индустриски објекти и станбени згради, мерки кои исто така се планираат и се ставени во фокусот и во Германија. Примери за поставување на соларни панели може да се најдат и на крововите на повеќе германски инвестиции во Северна Македонија“, вели Ванделт во своето прво интервју дадено за „Локално“.

Нејзините првични анализи за деловната клима во земјата се позитивни а како најголеми ризици за водење бизнис кои ги наведуваат германските компании ги наведува инфраструктурата и бирократските процедури особено во делот на вадење работни дозволи за странци и дозволи за престој за членовите на нивните семејства. 

„Кога доаѓа еден инвеститор, тој ги праќа тука своите најдобри вработени кои имаат големо искуство во етаблирање на компанијата на странски пазари, и тие луѓе треба да ја постават компанијата и остануваат во земјата  се додека не застане компанијата на свои нозе, понекогаш тоа е година, понекогаш две, а понекогаш и многу подолго. Кога станува збор за инвестиции кои се значајни за македонската економија и ќе отворат голем број на работни места, сметам дека треба да се следи во целост законската регулатива, но и да се забрзаат и поедностават процесите“, децидна е Ванделт.

На оваа позиција доаѓате по 20-годишно искуство во германските стопански комори во Латинска Америка, Чиле и Перу. Дали и колку би било различно развивањето економска соработка со Македонија, во споредба со горенаведените?

-Северна Македонија, како и Чиле и Перу имаат многу долги и традиционални трговски врски со Германија, кои продолжија да растат во текот на годините. Во сите три земји германските производи се многу добро препознаени и ценети. За разлика од Чиле и Перу, Германија е трговски партнер број еден на Северна Македонија и трговската размена на двете земји изнесува скоро пет милијарди Евра. Додека во Чиле и Перу најзначајни трговски партнери се  САД и Кина. Особено позитивно сум  изненадена од трговската размена на Германија и Северна Македонија и додадената вредност за целокупната економија. Производите кои во најголема мера се увезуваат од Германија во трите земји се капитални добра како автомобили,  машини и опрема. Чиле и Перу испорачуваат речиси исклучиво суровини и земјоделски производи во Германија, додека Северна Македонија испорачува делови, компоненти и полупроизводи наменети за германската индустрија. Географската близина со Германија е исто така голем плус за Северна Македонија, особено кога зборуваме за одржливи синџири на снабдување, близната во однос на транспортот значи и намалување на  CO2 емисиите.

Уште една предност за Северна Македонија е познавањето на германската култура и поврзувањето со нејзе особено преку дијаспората. Многу сум позитивно изненадена од тоа колку многу луѓе тука зборуваат германски, тие или живееле во Германија или пак имаат членови на семејството кои живеат таму. Би додала уште еден мал детел, тоа што Северна Македонија и Германија ја делат истата временска зона ја олеснува соработката.

Отворате нови можности за понатамошен развој на економската соработка меѓу Германија и Мaкедонија, Косово и Албанија во  делот  на снабдување со енергија и борбата со климатските промени. Во кои конкретни полиња би одела оваа соработка?

-Гледам два пристапи во однос на оваа тема. Кога инвеститорите ја разгледуваат можноста за инвестирање на нов пазар, клучена улога играат стандардите за одржливост. Истото можев да го забележам и во Латинска Америка. Конкретно, ова значи, дека инвеститорите бараат зелена енергетска матрица за своите производни капацитети. Сè уште има потреба од изградба на капацитетите во Северна Македонија, Косово и Албанија, но природните услови се многу добри во овие земји, особено за соларна енергија и хидроенергија, но и за добивање на енергија од ветер. Со технолошкиот развој и трансфер на знаење, Германија може да придонесе за понатамошно проширување на обновливите извори на енергија. Неодамна, нашата канцеларија АХК Северна Македонија, која е дел од мрежата на германските стопански комори во светот, одржа виртуелна конференција и 40 B2B состаноци на тема:  Соларна, ветерна енергија и мали хидроенергија на пазарите во Северна Македонија, Косово и Албанија.

Од друга страна, гледам и можности за соработка во делот на намалување на CO2 емисиите преку ефикасно управување со ресурсите во производните процеси и транспортот во глобалните синџири на снабдување, особено во областа на енергијата, водата и управувањето со отпадот.

Германија ги изгаси и последните нуклеарни реактори. Во која насока понатаму ќе се движи енергетското снабдување и во кој степен Македонија може да црпи искуство од германската пракса на користење обновлива енергија?

-И покрај сложените предизвици со кои се соочува германската енергетска политика, Владата на Сојузна Република Германија е доследна на својата цел. Навистина е зачудувачки фактот дека Германија и покрај ограничените сончеви денови има производство на енергија со кое постигна значаен напредок. Во Северна Македонија условите се многу подобри. Бројот на сончеви денови, но и надморската височина, ја прават Северна Македонија една од ретките земји во светот кои имаат најдобри услови за производство на соларна енергија. Со 2.000 – 2.400 сончеви часови годишно, Северна Македонија има огромен потенцијал за соларна енергија, што е над европскиот просек, што му дава дополнителна симболика на сонцето на државното знаме на Северна Македонија.

Покрај изградбата на соларните паркови, се работи и на промовирање и спроведување на идејата за поставување на соларни панели на индустриски објекти и станбени згради, овие мерки исто така се планираат и се ставени во фокусот и во Германија. Примери за поставување на соларни панели може да се најдат и на крововите на повеќе германски инвестиции во Северна Македонија.   Неодамна  во Тетово се отвори фабриката Мултипарк Изаири, член на Македонско-Германското стопанско здружение, ова е првата и досега единствена фабрика за бакарни кабли и цевки во Северна Македонија. На покривот на фабриката беа поставени соларни панели со капацитет од 365 kWp со идеа да се постигне производство од 500 kWp, кои можат да покријат дел од потребата за енергија на компанијата.

Покрај трансферот на технологија, важен предуслов за проширување на обновливите извори на енергија е поедноставување на административните процеси за одобрување дозволи за градба на нови постројки.

Германија е најголем трговски партнер на Северна Македонија со ниво на трговска размена од над пет милијади евра на стоки и услуги. Дали во проекциите на германските компании има место за нови инвестиции во РСМ или можеби реинвестирање во нови производни капацитети?

-Северна Македонија нуди интересен потенцијал, особено во контекст на тековното преструктуирање на синџирите на добавувачи кај германските компании купувачи и трендот кон се поголемо доближување на компаниите добавувачи до Германија. Нашата канцеларија АХК Северна Македонија моментално добива сè поконкретни прашања и ги поддржува германските компании во нивните анализи при носење на одлука за инвестирање во земјата, но и откога ќе се одлучат при основањето на фирма, сметководствени услуги, правно советување и уште многу други услуги.  

Што велат вашите првични анализи за деловната клима во државава, односно кои се најголемите ризици во однос на водењето бизнис  кои ги наведуваат германските компании ?

-Мојот прв впечаток кој го стекнав во овие десет дена е главно во однос на луѓето. Претставниците на компанијата, но и нивните вработени ми оставаат многу посветен, отворен и пред се многу компетентен впечаток. Интеркултурната компетентност која ја поседуваат деловните луѓе, како и нивната отвореност кон Германија е импресивна и добар предуслов за соработка помеѓу Германија и Северна Македонија. Потенцијалот и интересот за нови деловни проекти е голем. Сложените бирократски процеси сè уште се предизвик, особено во делот на вадење работни дозволи за странци и дозволи за престој за членовите на нивните семејства. Кога доаѓа еден инвеститор, тој ги праќа тука своите најдобри вработени кои имаат големо искуство во етаблирање на компанијата на странски пазари, и тие луѓе треба да ја постават компанијата и остануваат во земјата  се додека не застане компанијата на свои нозе, понекогаш тоа е година, понекогаш две, а понекогаш и многу подолго. Кога станува збор за инвестиции кои се значајни за македонската економија и ќе отворат голем број на работни места, сметам дека треба да се следи во целост законската регулатива, но и да се забрзаат и поедностават процесите.

Подобрувањето на инфраструктурата е исто така важно за да ја направи Северна Македонија уште поатрактивна за германските и другите интернационални инвеститори.

Желба на голем број македонски граѓани е да заминат и работат во Германија. Каков е вашиот став во однос на овој тип миграција?

-Денес живееме во космополитски свет. Секогаш е добро да се стекне работно искуство во други земји. Но, сметам дека Северна Македонија особено на младите луѓе им нуди можност да развиваат и имплементираат свои проекти. Овде чувствувам дека семејната кохезија е особено важна. Посебно кога станува збор за основање семејство, сметам дека усогласувањето на професионалниот и семејниот живот, може многу полесно и поуспешно да се реализира во Северна Македонија.

Сум сретнала и многу Македонци кои живееле и работеле во Германија, а потоа се вратиле во Северна Македонија. Со стекнатото искуство, можете да изградите сопствен бизнис овде или да најдете атрактивни понуди за работа на пазарот на трудот со стекнатите квалификации.

К.В.С.

Слични содржини