Интервју со Жерновски: Информацијата дека ВМРО-ДПМНЕ има молскавичен пад на поддршката кај граѓаните ја добивме директно од член на раководството на партијата на Мицкоски

За време на претходното владеење на ВМРО-ДПМНЕ, за Брисел станавме „заробена држава“, а денеска сме „тажната прикаска“, вели членот на Извршниот одбор на СДСМ, Жерновски

од Nikola Popovski
1,4K прегледи

Информацијата дека ВМРО- ДПМНЕ има молскавичен пад на поддршката кај граѓаните ја добивме директно од член на раководството на партијата на Мицкоски, а врз основа на испитувањето на нивниот рејтинг кај гласачите. Таквиот надолен тренд не зачуди ниту еден објективен граѓанин кои реално ги следи резултатите од владеењето на ВМРО- ДПМНЕ, бидејќи истите ги чувствува на свој грб, вели во интервју за „Локално“, членот на Извршниот одбор на СДСМ и поранешен амбасадор, Андреј Жерновски откако опозицијата соопшти дека најголемата владеачка партија „изгубила“ над 100 илјади гласови во споредба со последните парламентарни избори.

Според Жерновски, околу истрагата за Кочани, родителите, мајките и татковците завиени во црно најмалку што заслужуваат е правда и одговорност од сите, а не политичка заштита на виновниците.

-Ниту една политичка партија не напушта влада која е успешна. Никаде и никогаш. Напротив, се заминува тогаш кога таа влада нема резултати. Или најчесто, кога има, но катастрофални, истакнува соговорникот за турбуленциите во владеачкото парламентарно мнозинство откако еден од лидерите на Алијанса за Албанците и сега веќе поранешен член на ВЛЕН, Арбен Таравари го напушти владиниот кабинет.

За надворешната политика на државата во последните година дена, Жерновски вели дека актуелниот шеф на дипломатијата, Тимчо Муцунски е „најизолираниот министер за надворешни работи во историјата на плуралистичка Македонија“.

-Никој веќе не ни доаѓа во посета, сите не’ одбегнуваат. Сменети се рекорден број на амбасадори, а бројот на новоименувани е нула, посочува членот на ИО на СДСМ.

На темата локални избори и кој ќе биде кандидатот на „Бихаќка“ за градоначалничката позиција во Град Скопје, Жерновски информира дека името ќе биде објавено веднаш штом завршат внатрепартиските процедури и дека постојат општини каде се разговара за поддршка на градоначалници кои доаѓаат од коалициски партии.

Нови избори на прагот, овој пат локални, каде на тест е владејачката партија која се бори да си го зачува рејтингот по за нив „историските парламентарни избори“ во 2024 година. Опозицијата вели дека се „паднати“ за 100.000 гласа за една година, но колку е тоа реално и какви се вашите очекувања?

Информацијата дека ВМРО- ДПМНЕ има молскавичен пад на поддршката кај граѓаните ја добивме директно од член на раководството на партијата на Мицкоски, а врз основа на испитувањето на нивниот рејтинг кај гласачите. Таквиот надолен тренд не зачуди ниту еден објективен граѓанин кои реално ги следи резултатите од владеењето на ВМРО- ДПМНЕ, бидејќи истите ги чувствува на свој грб. 

Огромно е разочарувањето на граѓаните од актуелната влада.. Неисполнетите ветувања, катастрофата во економијата, падот на животниот стандард на граѓаните, секојдневните скандали кои ја тресат власта, блокираната  иднина на државата се само дел од причините за наведеното незадоволство.

Работниците се понижени, граѓаните се осиромашени, економијата е задолжена, институциите се партизирани, правдата е селективна, на улиците се случуваат секојдневни пресметки. Општиот криминалитет е зголемен речиси за половина – и тоа според нивните статистики. 

Факт е дека досега немало влада со поголем пад на рејтингот во првата година од владеењето.

Може ли, по ваше мислење, трагедијата во Кочани да му пресуди на премиерот Мицкоски и власта толку рано?

Ни се случи најголемата трагедија во модерната историја на Македонија, трагедија која можеше да биде спречена доколку институциите редовно и чесно си ја вршеа својата работа. Револтот на родителите е огромен и оправдан. Тие имаат сериозна забелешка за тоа како се водеше истрагата и прашуваат зошто не се опфатени клучните луѓе од актуелната власт кои се на високи позиции

Родителите, мајките и татковците завиени во црно најмалку што заслужуваат е правда, одговорност од сите, а не политичка заштита на виновниците. Обвинителството ја затвори истрагата без ниту еден осомничен или обвинет актуелен функционер на власта. 

Но, едно е јасно- одговорност, не само политичка, за оние кои го завија Кочани и Македонија во црно мора да има!

Кога и колку оваа трагедија ќе му пресуди на Мицкоски, ќе покаже времето.

Што според вас значи напуштањето на еден од лидерите на ВЛЕН, Арбен Таравари на владата? Каква порака, и најважно на кој, тој испраќа? Држи ли „вода“ муабетот дека сето ова е масло на ДУИ?

Ниту една политичка партија не напушта влада која е успешна. Никаде и никогаш. Напротив, се заминува тогаш кога таа влада нема резултати. Или најчесто, кога има, но катастрофални.

Таравари не е било кој политичар, туку клучната фигура со чија кандидатура на последните претседателски избори дојде до целосен пресврт во албанскиот политички кампус, што  повлече одлучувачки импликации и врз целокупниот. 

Тој самиот потенцираше дека одлучиле да излезат од Владата за да се вратат кај народот, со што сурово и прецизно ја опиша реалност, бидејќи оваа влада по само неколку месеци од својот мандат „успеа“ да се оттуѓи од граѓаните, од оние кои и’ дадоа огромна доверба, кои веруваа во неа. 

Можеме да заклучиме дека некогаш големото парламентарно мнозинство почна да се ситни. Тоа е процес кој ќе продолжи да трае и кој ќе донесе дополнителна нестабилност во фунционирање на Владата.

Кредити од 6 милијарди евра, зголемена инфлација на 3,3%, цени во маркети кои веќе неможе обичен граѓанин да си ги дозволи. Прашавте пред некој ден „каде живее Мицкоски“, тој пак вели „стрпете се, ќе биде“. Светска банка и ММФ сепак не делат толкав оптимизам. Каде се наоѓа Македонија на економски план во моментов?

По една година од новата влада, состојбата со македонската економија е алармантна. Македонија ја живее најлошата економска состојба во последниве децении. Заедно со Албанија, последни сме во Европа според висината на минималната плата. 

Куповната моќ на граѓаните е опадната за над 20%. Цените растат, платите мируваат. Според податоци, трошоците за живот во последните 12 месеци пораснале за 3,3%. Инфлацијата изнесува речиси 4.5%, а економскиот раст едвај достигнува 2.6%. Земјата за првпат има негативен економски резултат, полош и од воената 2001 година.

И додека народот живее на работ на егзистенцијата, премиерот Мицкоски ни објаснува дека Македонија станала новиот европски економски тигар и дека животот кај нас е прекрасен. После такви изјави и тврдења од негова страна, логички е да се прашате каде живее овој човек. Во меѓувреме, додека граѓаните не можат да состават крај со крај, функционерите на власта се расфрлаат со луксуз – летаат со приватни авиони, трошат на скапа храна и скапи хотели. 

Кога сме кај задолжувањето, за само  една година власт успеаја да нè задолжат за 7 милијарди евра од приватни банки преку аранжмани во четири очи. Без никакви критериуми, без никакви гаранции како ќе бидат трошени парите и кој ќе ги контролира. Пари, кои на крајот ние граѓаните ќе треба да ги враќаме. 

Сега, на овие 7 милијарди евра најавуваат и ново задолжување од 700 милиони евра со нова еврообврзница. За една година – речиси 8 милијарди евра нов долг. Македонија во 35 години постоење како модерна држава нема направено толкав долг каков што направи оваа влада на ВМРО-ДПМНЕ, ВЛЕН и ЗНАМ. 

Интервјуто продолжува на следната страница…

Слични содржини