Интервју со Жерновски: Информацијата дека ВМРО-ДПМНЕ има молскавичен пад на поддршката кај граѓаните ја добивме директно од член на раководството на партијата на Мицкоски

За време на претходното владеење на ВМРО-ДПМНЕ, за Брисел станавме „заробена држава“, а денеска сме „тажната прикаска“, вели членот на Извршниот одбор на СДСМ, Жерновски

од Nikola Popovski
1,6K прегледи

Бевте заменик-министер за надворешни работи во минатиот кабинет, а политиката на актуелното раководство, според многумина изгледа целосно непостоечка и контролирана од врвот на партијата. Многумина анализираат и дека Унгарија е нашиот покровител и ја води надворешната политика, па како вие, кој директно бевте едно време вклучен во овие процеси гледате на сегашното „водство“ на министерот Муцунски?

На надворешен план, Македонија нема никаква стратегија. Имаме комплетно дезориентирана дипломатија, која се води без план и без концепт. Нема ниту еден дипломатски успех, ниту  една иницијатива. 

Муцунски е најизолираниит министер за надворешни работи во историјата на плуралистичка Македонија. Никој веќе не ни доаѓа во посета, сите не’ одбегнуваат. Сменети се рекорден број на амбасадори, а бројот на новоименувани е нула. 

Во интервју за Радио Слободна Европа, европската комесарка за проширување, Марта Кос, изјави дека соседна Албанија напредува,  па се очекува да ги заврши преговорите за 2 години и да стане 29-та членка на ЕУ до 2029 година. Ние останавме во друштво со Косово и БиХ, за нас повеќе никој не зборува.

За жал, наместо интеграција, добивме изолација.  За време на претходното владеење на ВМРО-ДПМНЕ, за  Брисел станавме “заробена држава”. Денеска сме „тажната прикаска“. 

Државата е се’ подалеку од ЕУ, а Владата насоките за дејствување ги добива директно од Будимпешта и тоа го говори гордо и отворено.

Еден од највлијателните амбасадори на САД во регионот, Кристофер Хил, вели Балканот ќе треба сам да ги решава проблемите. Дали е ова „пораката“ која Мицкоски ја очекуваше, за да може да го закочи евроинтегративниот пат во следните 4 години, доколку нема во меѓувреме превремени парламентарни избори?

Ова е директно негирање на тезата дека Мицкоски го освоил периметарот околу Трамп, дека сме ние неговите најблиски партнери и дека тоа е „новото нормално“. За ова се уверивме, впрочем, и според висината на царина за нашата држава со која бевме „почестени“ од Трамп и според која бевме ставени во групата со Кина, Ирак и Србија. 

Мицкоски очекуваше дека претседателот на САД ќе лобира за нас и ќе ѝ ја „скрши кичмата“ на Софија, но од ова што го изјавува амбасадотот Хил, очигледно е дека нема ништо од тоа фантазерско сценарио. Дури, многумина тврдат дека Мицкоски не ни сака државата да направи чекор напред кон евроинтеграциите, бидејќи тоа не му одговара.

Што значи тоа за Македонија, има ли пат назад откако ќе бидеме длабоко навлезени во „орбитата“ на Орбан и Трамп, како што сака да се изрази премиерот? Има ли пат назад по тоа?

Творецот на оваа и ваква вмровска дипломатија, Милошоски, самиот изјави дека, цитирам, позициите на власта за САД и ЕУ биле слични на оние на Орбан. Треба ли после ова некаков дополнителен коментар?

Погубните последици од ваквата необмислена политика допрва ќе ги почувствуваме и истите ќе бидат многу тешко да се санираат подоцна.

Безбедноста е главно прашање во последниве години по нападот од страна на Русија на Украина, но и меѓусебното бомбардирање на Иран и Израел на Блискиот Исток, кој дополнително ја комплицира ситуацијата секаде во светот. Рускиот генерал Алаудинов вели „Третата светска војна веќе започна“, па дали Македонија, иако во рамки на НАТО, си ја врши работата во однос на инвестициите во одбраната на своите граѓани?

На Самитот на НАТО, генералниот секретар Руте потенцираше дека собирот се одржува во вистински историски момент, во услови на растечки безбедносни предизвици и затоа како што светот станува поопасен, така сојузничките лидери мора да донесат смели одлуки за зајакнување на колективната одбрана, правејќи ја Алијансата посилна. Овие заложби значат нов план за инвестиции во одбраната, со кој издвојувањата за одбрана треба да биде пет отсто од БДП.

Факт е дека европските членки на НАТО учествуваат со само 30 проценти од вкупните средства на алијансата за одбрана. Треба да се напомене дека Полска и балтичките земји веќе ги зголемија трошоците за одбрана на договореното ниво.

Премиерот Мицкоски најави дека годинава ќе одвоиме, ако добро разбрав, 18 милиони евра повеќе од минатата 2024 година. Останува да видиме дали ќе се оствари тоа и од каде би се обезбедиле тие средства.

До каде течат подготовките на вашата партија за локалните избори? Какви се вашите очекувања во споредба со изборите во 2021 година и дали веќе имате име на кандидатот за градоначалничката позиција во Скопје?

Овие кандидати за градоначалници кои претседалот на СДСМ, Венко Филипче, веќе ги обелодени во јавноста, заедно со кандидатите кои треба дополнително да се потврдат, ќе бидат ставени на одобрување пред Централниот одбор на партијата. 

Во врска со Градот Скопје, кандидатот ќе биде објавен веднаш штом завршат внатрепартиските процедури. Секако, постојат општини каде се разговара за поддршка на градоначалници кои доаѓаат од коалициски партии.

В.З.