Минималната плата ќе биде зголемена во март и според пресметките на синдикатите треба да изнесува 20.700 денари. Во интервју за „Локално“, претседателот на Синдикатот на УПОЗ, Трпе Деаноски потврдува дека нивната пресметка за тоа колку треба да изнесува процентот на зголемување е различна од онаа на Министерството за финансии, но како што вели, агрументите се на нивна страна.
„Според математиката на Синдикатот , минималната плата треба да порасне за 2. 700 денари.Според пресметките на Министерството за финансии, овој износ е помал, односно треба да се покачи за 1600 до 1800 денари. Затоа очекувам „борба’’ во рамки на економско социјалниот совет со цел да утврдиме поголема вредност на минималната плата“, вели Деаноски.
Оттука според него, автентентичен показател за тоа во која насока ќе се движи политиката на владата , но и годината од економски аспект, ќе биде степенот на нејзината подготвеност да го направи ова усогласување на правилен и реален начин.
Како полиња на кои во годината пред нас ќе бидат насочени силите на Синдикатот на УПОЗ, Деаноски ги посочува и настојувањата за потпишување на нови колективни договори со уште поголеми права, за поголема ставка за регрес за годишен одмор, поголеми јубилејни награди, зголемување на членството…За најважен чекор го издвојува обидот да се задржат вработените во администрацијата и тоа особено младите бидејќи како што вели, се поголем број од нив кои се квалификувани и способни ја напуштат државата.
Најавата за покачување на минималната плата се чини дека е една од најсподелуваните. Јавноста е во исчекување на веста кога ќе биде извршено ова усогласување и колку таа ќе изнесува, особено ако ги земеме предвид разликите меѓу пресметките на Синдикатот и на Министерството за финансии?
-Според нашата математика, минималната плата треба да изнесува 20.700 денари. Зголемувањето треба да биде во март и тоа за 12 до 13%, што е согласно со новите критериуми за утврдување на минималната плата- растот на животните тошоци и растот на просечната плата.Знаеме дека годинава значително пораснаа животните трошоци и тоа 20 % според официјалните податоци. Оттука, според математиката на Синдикатот, минималната плата треба да порасне за 2. 700 денари.Според пресметките на Министерството за финансии, овој износ е помал, односно дека треба да се покачи за 1600 до 1800 денари. Затоа очекувам “борба’’ во рамки на економско социјалниот совет со цел да утврдиме поголема вредност на минималната плата. Оттука, како што веќе кажав, платата мора да биде усогласена во месец март и тоа според новите критриуми. Ќе настојуваме да ја зголемиме колку што можеме повеќе согласно пресметките што ги водат синдикатите.
Какви се досегашните искуства, колку работодавачите ја испочитуваа обврската за распределба на минималната плата во износ којшто беше договорен?
-Во администрацијата мислам дека делот со исплата на минималната плата е веќе речиси секаде реализиран, односно во речиси 98%. Од аспект на Синдикатот на УПОЗ проблеми имаме во обвинителствата и во судовите каде што две нивоа, административните службеници со најниски примања, односно судски службеници и јавнообвинителски службеници имаат пониска плата . Иако тие добија и минимална плата и покачување од 15%, на тие две категории со најниски примања им се намалија платите од 1600 до 1800 денари бидејќи основицата за пресметување на нивните плати не се зема да биде минималната плата во нето -18.000 денари, туку пониска вредност од 16.500 денари. Зошто тоа се прави, сеуште немаме одговор. Известени се инспекторските служби, трудовиот инпекторат и управниот инпекторат, па чекаме повратна информација за да видиме дали тоа ќе може да го решиме, како што кажав, преку инспекторатите, или ќе треба да се обратиме преку суд.
Македонските работници се погласно реагираат поради секојдневните покачувања на цените поради кои “врзувањето крај со крај’’ во месецот станува се понеиздржливо. Како понатаму во ситуација кога синдикатот веќе реагираше дека минималната плата не го постигна целосниот ефект?
-Ситуацијата е апсолутно моментално незадоволувачка, Инфлацијата, порастот на трошоците за живот, поскапените енергенси го “изедоа’’ успехот што го постигна синдикатот. Треба да бидеме реални и да признаеме дека вакво зголемување на минималната плата во Македонија никогаш немало ( покачувањето беше речиси 3000 денари во однос на старата вредност), но за жал инфлацијата и порастот на животните трошоци се зголемија толку енормно поради што оваа придобивка не се почувствува доволно. Затоа сега целиме покачувањето да биде што е можно поголемо, и тврдиме дека нашите пресметки за износот се точни за разлика од оние на Министерството за финансии. Ако не прашувате нас како Синдикат, треба да бидат покачени и сите останати плати, а не само минималната.
Кои се останатите полиња на кои Синдикатот на УПОЗ работеше во текот на изминатата година? Кои се клучните постигнувања кои според Вас треба да стојат зад подвлечената црта?
-Годината беше доста тешка и предизвикувачка, но резултатот на синдикатот на УПОЗ е доста задоволителен.Заедно со Сојузот на синдикати успеавме да ја покачиме минималната плата, еве на крајот на годинава успеавме да докажеме дека сме во право и вработените во Управата кои се под опфат на гранскиот колективен договор да добијат регрес за 2020 година и за 2022 година , успеавме да потпишеме 30 нови колективни договори во кои се предвидени покачувања на плати, регрес за годишен одмор, поголеми надоместоци и додатоци, формиравме 29 нови синдикални организации, го покачивме бројот на синдикални членови…
Во кои делови имаше најмногу прекршување на работничките права , и дали има сличности во причините за претставките од страна на вработените во јавниот и во приватнит сектор?
-Секаде е различно. Зависи од работната околина и опкружувањето. Во јавниот сектор регистрираме едни проблеми, а во приватниот други. Во јавниот сектор има многу дисциплински постапки при промена на директори и раководство , условени од политички причини или нови избори. Секогаш има реваншизам, а “неподобните’’ луѓе се казнуваат или бркаат од работа. Во приватниот сектор останува проблем исплатата на регресот за годишен одмор, сивата економија- неисплата на целата плата ( половина на сметка, а половина на рака). Секогаш преовладуваат слични или исти проблеми, но затоа се тука синдикатите. Секој член на Синдикатот на УПОЗ има право да се обрати и да побара правна помош и заштита.
Кои се приоритети на кои ќе се фокусирате оваа година,каде ќе бидат “најжестоките борби“ со власта?
-Во првите три месеци од годината приоритет ќе ни биде токму минималната плата.Целта ни е да утврдиме колку што можеме поголем износ за нејзино зголемување, односно усогласување за нејзино исплаќање.Ќе мора да внимаваме дали и како таа ќе се исплаќа бидејќи не секаде работодавачите ова го почитуваат.Ќе настојуваме да потпишуваме нови колективни договори со уште поголеми права, со поголема ставка за регрес за годишен одмор, поголеми јубилејни награди, зголемување на членството и секако најважно е да ги задржиме вработените во администрацијата, особено младите бидејќи се поголем број од нив кои се квалификувани и способни ја напуштат државата и за жал градат туѓи економии.
Во колкава мерка сте оптмист во однос на тоа што ќе следи годинава во делот на остварувањето на работничките права?
-Се надевам, но мислам дека првиот квартал ќе биде добар показател како ќе се одвива целата година од економско, финансиски аспект.Ќе видиме,бидејќи до крајот на месец март мора да се усогласи минималната плата, па останува да видиме дали Владата ќе има слух тоа да го направи на правилен, реален начин. Тоа ќе биде добар показател во која насока ќе се движи политиката на Владата, на државата. Неофицијално се најавуваат избори, а кога тие се распишуваат во рамки на администрацијата не може да се потпишуваат колективни договори и не смеат да се договараат поголеми права. Од овој аспект нашето дејствување многу зависи од тоа дали ќе има избори.
К.В.С.