Третина од граѓаните планираат да се иселат од државата, покажува последната анкета која за Детектор ја спроведе Институтот за политички истражувања Скопје.
Според неа, 30 отсто од анкетираните размислуваат или некогаш размислувале да си заминат од Македонија. додека пак 64,8 отсто изјавиле дека не размислуваат за иселување.
Загрижува податокот што кај младите до 30, па и кај оние граѓани до 40 годишна возраст, процентот на оние кои размислуваат за иселување се ближи до 50%.
Анкетата на ИПИС покажува дека 45,3% од младите до 29 годишна возраст размислуваат за иселување. Кај возрасната група од 30 до 39 години, 44,3% размислуваат или некогаш размислувале да си заминат од Македонија.
Како расте возраста на анкетираните граѓани овој процент се намалува. 33,2% од граѓаните меѓу 40 и 50 години размислуваат за иселување. Интересно е што 28,1% од оние кои се меѓу 50 и 59 години планираат да си заминат од Македонија.
Кај граѓаните над 60 години интересот за иселување очекувано паѓа на 9,8%.