Анкетите на ИПИС ја брануваат јавноста: Грешка во проценките за 1-2 пратенички места или отстапување од изборниот резултат меѓу 5-25%?

од Nikola Popovski

Со недели се објавуваа анкети чија автентичност ја спори оној кој заостанува во нив, додека партиските лидери паралелно прогласуваа сигурна изборна победа. Последниот таков пример е со анкетите на ИПИС презентирани на МРТ, за кои како што тврди опозицијата, се лажни и се лиферувани од партискиот штаб на ВМРО-ДПМНЕ. Откако новинарот Фуркан Салиу излезе со сторија за Оперативниот план на ВМРО-ДПМНЕ каде се гледа како партијата спроведувала оперативен план, меѓу другото и за креирање на лажни вести, со документи излезе и владеачката СДСМ. Побараа од надлежните институции да ги истражат како што рекоа „основаните сомневања за бројни злоупотреби“.

„Шема за пласирање лажни анкети за рејтинзите на партиите и за политичарите, а објавени на МТВ, за пласирање лажни вести, но и други активности. Во подрумите на Белата палата се договарале емисии за анализирање на анкети од ИПИС, се дефинирал составот на гостите на емисијата со 3 опозициски аналитичари дури имало и одговорен за ширење лажни вести преку т.н. „дувла“. За градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ предвидена е „обврска“ кон Владимир Божиновски“, рекоа меѓу другото од партијата на Димитар Ковачевски. ВМРО-ДПМНЕ ги негира тврдењата. На документите кои ги СДСМ, тврдат дека има лица кои не постојат, грешни презимиња, но и дека се работи за фалсификати.

Лажни анкети на ВМРО-ДПМНЕ или фалсификувани документи на СДСМ?

Познавачите на состојбите велат дека секоја анкета е некоја апроксимација, односно служи за приближно одредување на некои состојби, односно мислењата/ставовите на граѓаните (во случајов, за рејтинзите на партиите пред изборите).

-Како таква, никогаш не може да биде целосно точна (на пример, идентично да се поклопи со резултатот што ќе произлезе на изборите. Затоа и во секоја објава на анкета, мора (според закон) да се објави и маргината на грешка, односно во кој опсег може да се очекуваат резултатите. Па така за вообичаениот примерок од 1,000 испитаници, грешката е 3,1%, а за да биде точно 3%, тогаш треба примерок од 1,068 лица. За поголема прецизност (и помала грешка), како што на пример е сега во случајот со анкетите кои се објавуваат на МТВ (примерок од 6,000 лица на национално ниво, т.е. 1,000 по изборна единица), маргината на грешка е 1,27%. Ова значи објавените проценки би требало да се разликуваат за 1-2 пратенички места. Се разбира, анкетите ја отсликуваат ситуацијата во времето на правењето на анкетата, а самите изборни кампањи може нешто и да променат во резултатот, иако не премногу, вели во разговор за „Локално“, директорот на МЦМС, Александар Кржаловски.

Александар Кржаловски

Начелно, според него, многу е лесно некоја анкета да се нарече „лажна“ или наместена или нарачана (таа секако е нарачана од некого и тоа не е спорно, се додека се објавува нарачателот – и тоа е законска обврска).

-Но, низ годините, со повеќе изборни циклуси, можеа да се проверуваат разните анкетни куќи / рејтинг агенции. МЦМС после секои избори правеше анализа на анкетите со постигнатите резултати, а тие анализи се достапни на веб-страната (за секоја од изборните години и на сајтот Мојот избор). Па така, се издвоија три агенции, како најкредибилни, односно чии прогнози биле блиску до изборните резултати и тоа се: Агенцијата Рејтинг, Институтот за политички истражувања Скопје (ИПИС) и М-проспект, истакнува соговорникот.

Кржаловски смета дека може да се има доверба во резултатите кои ги објавуваат тие.

-Секако, и некои од нив имаа во минатото по некое поголемо отстапување (Рејтинг во 2014 година за Пендаровски, ИПИС за претпоследните локални избори), но генерално последниве години нивните анкети се најчесто блиску до постигнатиот резултат, додава тој.

Според директорот на МЦМС, не е спорно ниту тоа кој кому е „близок“.

-Не е тајна дека ИПИС на Владимир Божиновски е главниот анкетар на ВМРО-ДПМНЕ, како што Рејтинг на Никола (и Ѓорѓи) Спасов е на СДСМ, но тоа не значи дека анкетите се „местат“ во полза на некоја од партиите. Тоа порано главно се правеше преку други „институти“ (Павел Шатев, Димитрија Чуповски, Прогрес), иако самите анкети веројатно ги правеа овие агенции. Секако, кога објавените резултати се неповолни за некоја од партиите, логично е да се очекува „напад“ и на кредибилноста на агенцијата, а и на самите резултати како „лажни“. Но, наместо такви обвинувања, најдобро е да се објават своите анкети, зошто секако знаеме дека сите партии често го прават тоа и често се тоа со пари од државниот буџет (за партиските институти за кои се алоцираа средства од пред неколку години). Тоа што не се објавуваат други/алтернативни анкети, начелно – само ја потврдува објавената анкета, оценува Кржаловски.

Истакнува дека самите дисквалификации служат за да се намали ефектот од објавените резултати, но тоа ретко ја менува ситуацијата на терен, бидејќи самата анкета го отсликува расположението на граѓаните.

-Ваквата тактика малку може да придонесе во побитна промена на расположението на гласачите, особено за тоа за кого ќе гласаат во последните месец-два пред изборите, до кога повеќето граѓани се веќе определени, заклучува директорот на МЦМС.

Од друга страна, Андреја Стојковски, извршен директор на Преспа институтот предупредува дека живееме во време во кое постојано сме изложени на лажни вести, дезинформации, спинови, пропаганда и слично. Според него, овој пристап во политиката, во нашава држава го земаа некои политички партии и политичари.

-За пример, ќе потсетам на приказните за „Тиранската платформа“, но и за „бегалците од Авганистан“, иако има тука безброј ситни лажни наративи кои беа пуштани во јавноста со цел влијание врз и насочување на јавното мислење. Оттаму, креирањето на лажните наративи стана се повеќе дел од политичката борба, а колку им помага на оние кои ги споделуваат лажните вести… Не може никој со сигурност да тврди, но имајќи го предвид избраниот пристап и упорноста во неговата примена, очигледно помага, без оглед колку, вели Стојковски за разговор за „Локално“.

Андреја Стојковски

Соговорникот ја опишува ситуацијата во земјата во однос на изборите и гласањето.

-Во Северна Македонија граѓаните гласаат за политичка партија, за или против. Повеќе или почесто гласаат ЗА ВМРО-ДПМНЕ и ПРОТИВ СДСМ. Дури и во 2016 година, кога „царот беше гол“ гласачите гласаа за ВМРО-ДПМНЕ. Сега, во услови кога Владата има многу помала контрола врз медиумскиот простор, кога лажниот наратив излегува насочено и речиси постојано од истите центри, овој пристап, или комбинирањето на активностите се прави за да се електризира сопственото гласачко тело, да се демотивираат неопределените и да се обесхрабрат противниците, наведува Стојковски.

Секоја анкета оперира со стандардна маргина на грешка, дециден е тој. Тоа меѓутоа значи дека добиениот резултат на анкетата би можел да биде во распон од + до минус 2, 2.5, 3 или дури 3.5%.

-Ова е стандард за секоја анкета и тука нема никаков проблем. Проблемот настанува ако анкетите ги земаме за веродостоен резултат, каков што не може да бидат. Единствената точна анкета е изборниот ден. Проблемот настанува кога анкетите се претставуваат како веродостоен резултат, односно кога истите се насочуваат кон некого, конечно, кога отстапуваат драстично од точниот резултат. Во Институтот ПРЕСПА разработивме компјутерски модел кој ги следи и анализира постапувањата на политичките партии и на граѓаните, ЕлектоМетар, а развивме и Политички извештај на ПРЕСПА во кој гледаме повеќе серијали на резултати и ги анализираме нивните ефекти. Во Политичкиот извештај ги зедовме повеќето јавно достапни анкети од 2013 година до денес. Располагаме со некои 20 сетови и резултати за популарност на партиите, од повеќе агенции, според кои сите се фалат или се фалеле пред противниците, ни рече Стојковски и додава:

-Анализирајќи ги овие анкети со резултатите од најблискиот изборен ден, утврдивме дека сите имаат отстапување од резултатот помеѓу 5%-25%. Ваквото отстапување е сериозно, може да изненади многумина, а секако не може да се користи како основа за предвидување на изборните резултати. Колку што разбирам јас, тие меѓутоа не ги користат анкетите за предвидување на изборните резултати, туку за сериозно влијание врз изборниот процес и однесувањето на гласачите.

Според него, отстапувањето не е страшно, дури и тогаш кога изнесува 25% од реалниот резултат. Опасно е ако анкетите и резултатите покажуваат пристрасност кон одредена политичка партија.

-Утврдувањето на пристрасноста на поранешните анкети е наша следна задача. Тоа сакаме да го направиме за да утврдиме кон кого постои пристрасност, дали тоа е тренд или пак поединечна активност на агенцијата и да развиеме модел за пресметка според кој ќе можеме да ги поправиме анкетните резултати на секоја од следените агенции, анализира извршниот директор на Преспа институтот.

Н.П.

Слични содржини