Опозициската ВМРО-ДПМНЕ има поголема кај гласачите пред владејачката СДСМ од пет процентни поени, додека рејтингот на нејзиниот лидер Христијан Мицкоски е за речиси трипати повисок отколку на новиот челник на социјалдемократите и премиер, Димитар Ковачевски, покажуваат резултатите објавени во петокот од истражување на јавното мислење спроведено од Институтот за Политички Истражувања од Скопје (ИПИС).
Анкетата е спроведена преку кратко телефонско истражување во периодот меѓу 17-ти и 19-ти јануари годинава на 1.124 полнолетни испитаници на ниво на целата земја, а во истражувањето граѓаните ги изразуваа своите ставови за нивната поддршка за политичките партии и политичари, како и за изборот на новата Влада.
На прашањето „За која партија бил гласале доколку следната седмица има парламентарни избори“, 22,5 отсто од испитаниците се изјасниле во полза на ВМРО-ДПМНЕ, наспроти 17,9 отсто за СДСМ.
ДУИ во овој сегмент од анкетата добила доверба од 7 отсто, а другите коалициски партии во власта Алтернатива и БЕСА по 1,2 односно 1,1 отсто.
Од друга страна, партиите кои во парламентот го сочинуваат опозицискиот кампус, Алијанска за Албанците и Левица во моментов уживаат поддршка од 3,5 односно 2,9 отсто од избирачите.
Нерешителни во моментов биле 18,3 отсто од учесниците во истеражувањето, не сакале да се изјаснат 11,2 проценти, а во ниедна политичка опција немаат доверба 14,4 отсто.
Кога станува збор за политичарите, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски е неприкосновен на врвот со 17,7 отсто доверба, а до неадамна неговиот најголем опонент поранешниот лидер на СДСМ и премиер, Зоран Заев, има сѐ уште речиси двојно помала доверба кај гласачите, односно 9,5 отсто.
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети е трет политичар според довербата, и има идентичен процент на доверба 7 отсто како и неговата партија. Со 5,5 отсто доверба следи новиот премиер и лидер на социјалдемократите Димитар Ковачевски.
Зијадин Села од Алијанса за Албанците со 3,5 и Димитар Апасиев од Левица со 2,5 отсто доверба се следни во ова рангирање. Африм Гаши од Алтернатива има 1,4 а Билал Касами од БЕСА 1,1 отсто доверба.
Дури 32,8 отсто од испитаниците не се определиле за ниеден политичар, за друг од понудените се изјасниле вкупно 2,9 проценти, а не сакале да одговорат или не се определиле 16 отсто.
Високи 42,3 отсто од испитаниците негативно одговориле на прашањето „Дали си озборот на новата Влада сметате дека ќе има подобрување на нејзината работа?“. Наспроти нив, 33,3 отсто се оптимисти и одговориле со „да“, а 24,4 проценти немале став или не дале одговор.
Речиси идентичен процент од испитаниците 42,7 отсто не веруваат дека со формирањето на новата Влада ќе се надмине политичката криза во земјата. На ова прашање помал е процентот – 28,6 на оние кои веруваат дека кабинетот на Ковачевски ќе придонесе за надминување на кризата, а идентичен е процентот на оние кои не се изјаснуваат или немаат мислење за ова.
Заради запазување на релевантноста и непристрасноста на истражувањето, бил креиран непристрасен и објективен прашалник врз база на кој подоцна беше спроведена анкетата. Истражувањето е реализирано со користење случаен примерок кој е стратификуван за да се запази репрезентативноста на населението во Македонија. Запазени се демографските специфики на населението како половата структура, старосните групи, степенот на образование и етничката припадност, со соодветна поделба на испитаниците според местото на живеење и изборната единица, со тоа што Скопје беше земено како посебна целина заради своите посебности.
Истражувањето е спроведено за потребите на ИПИС со цел да се анализираат рејтинзите на партиите и перцепции за нова Влада. Анкетата е финансирана од сопствени средства на ИПИС.
Повеќе од 600.000 евра од три државни институции има земено Институтот за политички истражувања (ИПИС) во периодот од 2011 до 2017 година за истражување на јавното мислење, покажуваат документите, кои пред неколку години ги објави БИРН.
Божиновски во јавните настапи редовно ги бранеше ставовите на ВМРО-ДПМНЕ, а анкетите на ИПИС за рејтингот на политичарите секогаш одеа во корист на поранешната владејачка структура.