Актерката Ирена Ристиќ е осомничена за предизвикување омраза на национална, верска и друга дискриминирачка основа, објави самата таа на својот фејсбук профил откако претходно Јавното обвинителство ја повикало на распит на 13 октомври.

„Циганите (поради некоја политичка или не знам каква коректност нарекувани Роми, као со тоа нивните злодела да добиваат на легитимитет или нивниот живот на квалитет) ја претоварувале, константно ја тормозеле Аурора и во даден момент нејзината нога пука, не може да додржи… паѓа! Циганите собираат сè што претходно било на нејзиниот грб и ја оставаат така, падната и во бессознание. Коњот не е куче, нема да може да преживее со три нозе…“, напишала актерката.
Во испратениот допис од ЈО се наведува дека Ристиќ се повикува во својство на осомничена.
– Лицето се повикува во својство на осомничена за кривично дело
– Ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем спред член 394-г од КЗ и кривично дело
– Предизвикување омраза, раздор и нетрпеливост врз национална, расна, верска и друга дискриминаторска основа од член 319 од Кривичниот законик, се наведува понатаму во дописот од Јавното обвинителство.
По нејзината објава на Фејсбук, имаше бурни реакции на социјалните мрежи, при што ромските здруженија и ромските невладини организации тогаш најавија тужба за Ристиќ.