„Како заменик-министер во Министерството за внатрешни работи, сметам за неопходно да појаснам дека прскањето со света вода од страна на верско лице врз службените полициски возила и врз службените објекти, во рамки на паркингот на МВР, не претставува приватен верски чин, туку директно кршење на принципот на секуларна држава и на законот“, посочи Астрит Исени на Фејсбук.
Овој чин е извршен од неколку припадници на една сообраќајна полициска единица, во соработка со верското лице, и во никој случај не го претставува институционалниот став или дејствување на МВР. Воедно, овој случај укажува на ниско ниво на професионална свест кај дел од полициските службеници.
Уставот на Република Северна Македонија (член 19) јасно ја утврдува одвоеноста на верските заедници од државата.
Законот за полиција бара целосна и безусловна неутралност.
МВР е државна институција која мора да им служи на сите граѓани без разлика на верската припадност. Службените простории и средства не се сопственост на ниту една верска заедница и не смеат да се користат за верски ритуали или активности. Полицијата е во служба на сите граѓани и не смее да постапува со двојни стандарди.
Институцијата МВР има јасни внатрешни правилници и, согласно нив, ќе бидат повикани на одговорност сите оние кои:
– го организирале или го дозволиле овој чин,
– не го спречиле неговото извршување,
– овозможиле влез на верско лице во објектите на МВР за вршење верски активности.
Само преку доследна примена на законот и еднаквост пред него може да се врати довербата на граѓаните и на вработените во оваа институција.
Почитувањето на верските убедувања е неопходно, но мешањето на религијата со безбедносните институции е неприфатливо и опасно за еднаквоста, институционалната неутралност и довербата на граѓаните.
Државата е секуларна. Полицијата е на граѓаните. Законот е над секој верски симбол“, порача тој.