Историски чин за МПЦ-ОА: „Нашиот завет е дека упорно ќе работиме на своето издигнување“

од Берта Китинска

Историски чин за Македонската Православна Црква и македонскиот народ, се оцени заедничка литургија на патријархот Вартоломеј и архиепископот Стефан.

Дел од литургијата што ја водеше архиепископот Стефан беше на македонски јазик. Литургијата се служеше во соборниот храм Свети Георгиј Победоносец во Фанар, Истанбул и е прво сослужение во Вселенската патријаршија, по примањето на Охридската архиепископија во канонско единство со останатите православни цркви. На крајот од заедничката литургија патријархот Вартоломеј одржа своја беседа на грчки јазик.

„ Веруваме дека овој настан значи потполно разбирање од ваша страна за големината на дарот на мајката Црква кон вашиот народ, но и за одговорноста која ја понесувате, влегувајќи од денес во сеправославниот свет“, кажа во својата беседа Патријархот Вартоломеј.

Г.г. Стефан порача дека трпеливо ќе чекаат да се уредат сите работи околу статусот на Охридската архиепископија и дека тоа е во рацете на Вселенската патријаршија.

„Нашиот завет е дека упорно ќе работиме на своето издигнување и дека трпеливо ќе го чекаме тоа благопријатно време, кога радосната објава на Великата Христова Црква за нас, пропратена со веселото биење на црковните камбани, ќе ги преисполни со неопислива радост срцата на нас современите и ќе ги смири духовите на упокоените“ , порача Архиепископот г.г. Стефанво својата беседа.

Слични содржини