Истрага во Русија: Тројца доктори мистериозно паднале од прозорец на болница

од Nikola Popovski

Тројца здравствени работници паднале од болничките прозорци во Русија, од непознати причини, во последните две недели, поставувајќи го прашањето за состојбите во кои работат лекарите и медицинските професионалци додека се борат со пандемијата на коронавирус.

Двајца од овие медицински работници починале, а еден се бори за живот.

Сите три инциденти, според Си-Ен-Ен, се под истрага на руските власти, а настаните предизвикаа интензивни дискусии во печатот и на социјалните мрежи.

Александар Шулепов, лекар од брзата помош во Воронеж, град на околу 500 километри јужно од Москва, е во критична состојба откако паднал од вториот кат на болницата каде што работи и бил лекуван за инфекција со коронавирус.

Тој и негов колега на 22 април снимиле видео во кое се жалат дека главниот доктор на болницата во Новаја Усман ги присилил да работат и покрај тоа што на тестовите биле позитивни за ковид-19.

По приемот во болницата, Шулепов во друго видео негирал дека бил присилен да работи болен, но се сомнева дека тоа го сторил заради притисок.

Неговиот колега, наводно се соочува со кривично обвинение за ширење „лажни вести“ околу вирусот за што може да добие до 5 години затворска казна.

Наталија Лебедева, лекарка во Центарот за обука на космонаутите, исто така паднала низ прозорецот на болницата каде се лекувала од коронавирус, а нејзините колеги веруваат дека таа се самоубила затоа што не може да ги издржи обвинувањата за нејзината наводна инволвираност во ширењето на вирусот меѓу здравствените работници во Центарот за космонаутите.

Нејзината смрт била прогласена за „трагична несреќа“.

Неколку дена подоцна, Јелена Непомњашчаја, главен лекар на реконструирана Болница за третман на пациенти кои страдаат од вирусот Ковид-19 во Сибир, починала како резултат на паѓање од болнички прозорец, кратко време по разговорот со службените лица во болницата.

Воронеж регионот во кој се наоѓа болницата има потврдени 636 коронавирус случаи, што е помалку од 1% од сите заболени во Русија, а најмалку 41 доктор и пациент од најголемата болница во регионот се заразени со ковид-19.

Во Русија се пријавени 145.268 пациенти со вирусот,а скоро сто од нив се здравствени работници. Досега починале 1.356 лица.

Слични содржини