Малта е најпријателска држава кон геј лицата во Европа, Азербејџан е најмалку пријателска, а членките на ЕУ, Летонија и Полска не се многу подобри, се вели во годишниот извештај на Рејнбоу Европа, невладина организација од Илга – Европа.
Во истражувањето се опфатени 49 држави и се укажува на Европа како на регион во кој во последно време не е регистриран напредок во областа на правата на ЛГБТИ заедницата.
На мапата на Европа од Илга-Европа со зелено се обоени „геј-френдли“ држави, а со црвено земји чии закони се најмалку пријателско кон геј лицата.
Иако Малта бележи 91 отсто оствареност на правата на тие лица, таму има проблеми со говорот на омраза и нетолеранција. Следуваат Белгија со 79 отсто, Норвешка 78 отсто, Финска, Франција и Британија со 73 отсто оствареност на правата на ЛГБТИ заедницата.
Во Белгија се констатирани се поголем број случаи на дискриминација поради сексуалната ориентација, а во Германија нема закон што штити ЛГБТИ лица од напад од омраза. Ситуацијата е уште потешка во Италија каде оствареноста на правата на ЛГБТИ заедницата е 27 отсто, додека во Полска само 18 отсто.
Во Македонија се наведени 14 отсто оствареност на правата на такви лица.
Најтешко на тие лица им е во Русија, каде оствареноста на правата е 11 отсто, Турција осум отсто, Ерменија седум отсто и Азербејџан пет отсто. Државите кои некогаш биле најнапредни во борбата за права на таа заедница во 2017 година стагнирале на тој план, се вели во заклучоците.
Илга-Европа е независна, меѓународна, невладина организација која обединува 490 организации од 45 европски земји. Таа е дел од поширока меѓународна Илга организација, но во 1996 година Илга -Европа се формира како посебен регион на Илга и независен правен субјект. Самата Илга е создадена во 1978 година.