Меѓу заболените со коронавирус, претходната физичка неактивност е поврзана со многу потешки симптоми и поголем ризик од смрт, покажа студија со скоро 50.000 испитаници заразени со вирусот.
Луѓето кои не биле физички активни најмалку две години пред пандемијата, биле со поголема веројатност да бидат хоспитализирани, лекувани на одделот за интензивна нега и да починат, објавија истражувачите во еден труд во британскиот весник за спортска медицина.
Како ризик за тешката форма на ковид-19, физичката неактивност била надмината само според возраста и ако некое лице имало трансплантација на орган, открива студијата.
Во споредба со другите фактори на ризик врз кои испитаниците можат да влијаат, како што се пушење, дебелина или висок крвен притисок, „физичката активност е највисок фактор на ризик во сите исходи на болеста“, заклучуваат авторите на студијата.
Ризик фактори, како што се старост, машки пол, дијабетес, дебелина или кардиоваскуларни заболувања се најчесто поврзани со тежок облик на коронавирус, откриваат претходни студии.
Досега, лежерниот начин на живот не беше вклучен во категоријата фактори на ризик.
За да утврдат дали недостаток на вежбање и друга физичка активност ги зголемува шансите за тешка болест, хоспитализација, прием во единицата за интензивна нега или смрт, истражувачите проучувале податоци за 48.440 возрасни лица во САД заразени со ковид-19 од јануари до октомври 2020 година, а кои претходно беа опфатени со различни ванболнички програми.
Просечната возраст на пациентите била 47, а 60 проценти биле жени. Во просек, индексот на телесна маса бил 31 што е над прагот на дебелина.
Околу половина од испитаниците немале други болести како што се дијабетес, хронично белодробно заболување, срцево или бубрежно заболување и рак. Скоро 20 проценти страдале од една од овие болести, а повеќе од 30 проценти од две или повеќе.
Сите испитаници пријавиле ниво на физичка активност најмалку три пати во периодот од март 2018 година до март 2020 година, како дел од ванболничките програми во кои биле вклучени.
Околу 15 проценти се опишаа себеси како неактивни, што значи од 0 до 10 минути физичка активност неделно, скоро 80 проценти како „делумно активни“ со околу 11 до 149 минути физичка активност неделно, а седум проценти беа трајно активни според националните здравствени препораки со повеќе од 150 минути физичка активност неделно.
Откако го разгледале влијанието на расата, возраста и другите болести, физички неактивните луѓе заболени со коронавирус имале повеќе од двојно поголема веројатност да завршат во болница отколку оние кои биле физички најактивни. Тие исто така имале 73 проценти поголема веројатност да завршат во болнички оддели за интензивна нега и 2,5 проценти поголема веројатност да умрат од оваа болест.
Во споредба со пациентите кои биле повремено физички активни, неактивните лица имале 20 проценти поголема веројатност да бидат хоспитализирани, десет проценти поголеми шанси да бидат примени на единици за интензивна нега и 32 проценти поголема веројатност да умрат.
Иако врската е статистички убедлива, студијата која не беше спроведена како клиничко испитување не може да се смета за директен доказ дека недостатокот на физичка активност директно предизвикува различни исходи кај пациентите, истакнуваат истражувачите, додавајќи дека заклучоците и резултатите се субјективни податоци дадени од пациенти.