Во Италија, уште 420 лица починале во изминатите 24 часа од коронавирус, при што 3201 се новозаразени.
Вкупниот број на смртни случаи сега изнесува 25.969, додека вкупниот број на заразени изнесува 192.994.
Се излечиле вкупно 60.498 лица, 2922 повеќе од вчера во исто време, додека имало 321 помалку нови пациенти. Италијанците вкупно тестирале 1.642.356 луѓе.
Првите инфекции со „КОВИД-19“ во Италија започнале во јануари, според научната студија претставена во петокот, која фрла ново светло на појавата на епидемијата во една од најтешко погодените земји во светот.
Стефано Мерлер од фондацијата „Бруно Кеслер“ на прес-конференција со италијанските здравствени власти изјавил дека неговиот институт го преиспитал првиот случај и извлекол јасни заклучоци од ширењето на заразата.
„Видовме дека има многу луѓе заразени во Ломбардија, уште пред 20 февруари, што значи дека епидемијата започнала многу порано“, рече тој.
Друга група италијански научници соопштиле дека во втората половина на јануари коронавирусот можеби пристигнал во Италија од Германија, а не директно од Кина.