По катастрофалното уривање на вијадуктот во Џенова, сѐ уште е целосно нејасно како можеше да се случи ваква трагедија. Бројот на загинати и натаму расте.
Бројот на официјално потврдени загинати лица во катастрофата со мостот Моранди во Џенова се искачи на 35, јавуваат италијанските медиуми повикувајќи се на информациите соопштени од полицијата и од канцеларијата на префектурата Џенова. Меѓу загинатите има три деца на возраст од седум, 12 и 13 години. Спасувачките екипи и пожарникарите во текот на целата ноќ трагаа по преживеани во урнатините на мостот Моранди, кој е дел од автопатот А10.
Размерите на катастрофата во Џенова
11 луѓе досега се извлечени живи од под урнатините и се префрлени во болниците, а спасувачите и натаму продолжуваат со потрагата. „Нема да престанеме да бараме преживеани“, изјави командантот на службата за цивилна заштита Луиџи Данџело.
Портпаролка на полицијата во Џенова меѓутоа изрази стравување дека бројот на загинати би можел и натаму да се зголемува.
Катастрофата на околу 50 метри високиот вијадукт над реката Полчевере се случи вчера, непосредно пред пладне за време на големо невреме во регионот. Очевидци говореа за „апокалиптични сцени“ кога при пороен дожд десетици автомобили пропаднаа во длабочина по распаѓањето на дел од мостот Моранди. Се проценува дека најмалку 35 возила завршиле под урнатините.
Премиерот на Италија Џузепе Конте истакна дека е длабоко погоден од трагедијата во Џенова. Вицепремиерот Луиџи Ди Мајо увери дека државата ќе стори сé за да им помогне на семејствата на жртвите. Германскиот сојузен претседател Франк-Валтер Штајнмајер и канцеларката Ангела Меркел беа меѓу бројните светски државници кои изразија сочувство.
Италијанскиот министер за транспорт Данило Тонинели изјави дека несреќата ја докажува болната состојба на инфраструктурата во Италија. Одговорните за трагедијата ќе треба да платат за тоа, порача Тонинели. Тој утрината преку Фејсбук го повика менаџментот на приватната компанија Пер Л’Италија, која има концесија на автопатот А10, да поднесе оставка и најави високи парични казни.
Министерот за внатрешни работи Матео Салвини исто така реагираше луто. Тој, како што рече, имал возено стотици пати по мостот Моранди. Салвини порача дека ќе стори сѐ за да се дознаат имињата на одговорните во минатото и во сегашноста. „Неприфатливо е во Италија да се умира на ваков начин“, истакна Салвини./DW