Италијанскиот министер за туризам повикува: Ова лето можете да ги поминете одморите во Италија

од Nikola Popovski
443 прегледи

Италијанскиот министер за културно наследство и туризам, Дарио Франческини ги повикал Италијанците, но и странските туристи да ги поминат одморите во Италија ова лето.

„Вложуваме многу во домашниот туризам, затоа што тоа ќе биде летен одмор во Италија“, изјавил Франческини за римски весник, додавајќи дека владата работи и на враќање на странските туристи.

Министерот ги повика сонародниците да го поддржат туристичкиот сектор со поминувањето на одморите во нивната земја. Италијанскиот министер инсистирал на потребата да се користат истите протоколи и стандарди за здравствена заштита, како што се во Европа за да се овозможи граѓаните на различни земји од ЕУ да се движат слободно.

Според него, во моментот се разговара специјално со Германија, „земјата што има најмногу туристи кои доаѓаат во Италија“.

„Но, за каков туризам зборуваме ако, на пример, само неколку луѓе можат да јадат во ресторан или пицерија“, праша италијанскиот министер, кој се залага да стори сé што е можно за да се зголеми бројот на маси на отворено.

„Треба да ги поддржиме туристичките бизниси и да понудиме поттик на семејствата под одреден праг на приход, сума што можат да ја потрошат во сместувачките објекти во нашата земја“, додаде министерот, кој не сакаше да ги прецизира мерките „сè додека не постои законодавна регулатива“.

Тој додал дека разговарал со Комитетот за наука, кој ја советува владата за време на пандемијата, „за безбедносните критериуми за постепено повторно отворање на сите области од надлежноста на неговото министерство, од бањи до театри, преку музеи и кина“.

Италијанската влада планира да ги отвори музеите и археолошките места на ист начин како и продавниците, вклучително и одржување на растојение меѓу луѓето и носење маски.