Иванов: Да ни е вечна и вековита Македонија!

од Берта Китинска

Поранешниот претседател, Ѓорѓе Иванов,упати честитка по повод Денот на независноста – 8ми Септември на Северна Македонија.

„Нека ни е честит Денот на независноста на Република Македонија!

Секое големо достигнување, пред да се оствари, е само сон. Независна, суверена и слободна Македонија беше сонот на генерации и генерации наши претходници. Успеавме во 1991 година, кога сонот стана јаве.
Ова е ден за љубов кон нашата татковина Македонија.

Да се биде Македонец не е само право. Тоа е и обврска. Обврска да се чува наследството за кое нашите предци се избориле со пркос и непокор. Да се чува континуитетот на нашата определба, бидејќи како Македонци ние не можеме да бидеме нешто поразлично од нашите предци. Да не им го одземаме на нашите деца, внуци и правнуци она што ни го оставиле нашите татковци, дедовци, прадедовци.

Треба да знаеме кои сме за да знаеме што сакаме да бидеме.
Треба да знаеме каде сме за да знаеме каде сакаме да бидеме.
Треба да знаеме што имаме за да знаеме што сакаме да стекнеме.

Среќен роденден татковино!
Си била и ќе бидеш Македонија!
Да ни е вечна и вековита Македонија!
Да живее Република Македонија!“, напиша Иванов.

Слични содржини