Ивановска: Кога ќе имаш тргни за кога ќе немаш – треба да има домаќинско трошоње во јавниот сектор

од Берта Китинска

Владата во вторникот донесе мерки за штедење во јавниот сектор, а секој што нема да ги почитува овие одлуки, ќе биде санкциониран.

Премиерот Димитар Ковачевски неколкупати досега изјавуваше дека се соочуваме со најтешката економска криза по Втората светска војна, но дека со добри мерки и штедење ќе се надминат сите предизвици.

Тој вчера изјави дека секоја набавка на мебел и возила од страна на државните институции, ќе мора да биде одобрена од Владата, а контролата за трошоците за стоки и услуги и за репрезентација и реклами ќе ја врши Министерството за финансии кое има увид на дневна основа во работењето на државните институции. Јавните претпријатија и акционерските друштва во државна сопственост, пак, ќе имаат обврска на три месеци да поднесуваат финансиски извештаи до Комисијата за економски систем, за потоа тие да бидат разгледани и одобрени од Владата.

– Секој што нема да ја почитува таа одлука ќе биде санкциониран согласно законите за трговски друштва и за работни односи, предупреди Ковачевски.

Претседателката на Антикорупциската комисија, Билјана Ивановска смета дека секогаш треба да има домаќинско трошоње во јавниот сектор.

-Како што викаат старите, кога ќе имаш тргни за кога ќе немаш. Да не биде само поради кризата. Досега се работело недомаќински. Ако сакате некој да видите каков тип на човек е, ќе видите како се однесувал кон нешто за што не треба да плати од свој џеб. Јас не сум да се ограничува тоа што треба, меѓутоа може да се редуцира многу од тоа што не треба. Толку многу скапи возила не требаат. И за начинот на набавка треба да се размисли, да се направи структура. Јас кога бев во Англија, во нивниот Државен завод за ревизија има 840 вработени и само главниот ревизор има службено возило, сите останати си доаѓаат на работа со јавен превоз, вели Ивановска во емисијата „Топ тема“.

Според неа, ДКСК нема службени возила, ниту картички, ниту репрезентации.

-Кога ние можеме да функционираме, зошто не и другите. Подмируваме само трошоци за колегите од друг град, тројца на број, во висина на автобуска карта и тоа е. Ние можеме да работиме, рече Ивановска.

Слични содржини