Партиите и коалициите кои ќе учествуваат на предвремените парламентрани избори на 15 јули од денеска ќе ја претставуваат својата политичка понуда пред граѓаните. Иако најавија кампања без митинзи и други поголеми собири, со зголемено користење на социјалните мрежи, традиционалните медиуми, билборди и друг тип на онлајн претставувања, партиите ги стартуваат и своите теренски активности.

На првиот ден од 20-дневната изборна кампања, караванот на Коалицијата „Можеме“ предводена од СДСМ ќе биде во Струмица и Виница, Коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ „За обнова на Македонија“ изборните активности ги почнува во Охрид, Скопје, Струмица и Тетово, а ДУИ со промотивна конвенција на кандидатите во Преспа.

Алијанса за Албанците и Алтернатива ќе ја отвори кампањата со презентација на програмата во својот глаев изборен штаб во Старата скопска чаршија, а ДПА со посета на гробот на Арбен Џафери и со презентација на платформата во Тетово.

Политичката платформа Македонски концепт тргнува во предизборна кампања од пред ЕУ Инфо центарот во Скопје, а ИНТЕГРА – Македонска конзервативна партија од Битола.

Партиите и коалициите кои ќе учествуваат на изборите, своите програми ќе можат да ги преставуваат до 12 јули во 24 часот кога завршува изборната кампања.

На предвремените парламентарни избори, според поднесените листи до ДИК, ќе учествуваат 15 коалиции и партии со 1.598 кандидати.

Гласањето на предвремените парламентарни избори ќе се одвива три дена, а на изборниот ден ќе биде продолжено за два часа и ќе трае од 19 до 21 часот.

На 13 јули ќе гласаат лицата кои се во домашен карантин заради позитивен тест на КОВИД-19 и лицата на кои им е одредена мерка самоизолација со решение од Државен санитарен и здравствен инспекторат.

На 14 јули 2020 година ќе гласаат немоќните и болните лица, како и хронично болните и останатите лица кои согласно Изборниот законик гласаат еден ден пред одржувањето на изборите.

На изборниот ден, на 15 јули, избирачките места ќе бидат отворени во 7 часот, а гласањето ќе трае до 21 часот, два часа подолго од вообичаеното на претходните избори кога гласачките места се затвораа во 19 часот.

Слични содржини