Изложба на победнички фотографии на Pride Photo Award 2016

од Vladimir Zorba
103 прегледи

  Во Мала станица вечер од 20 часот ќе биде отворена изложба на победничките фотографии на Pride Photo Award за 2016, која ја организираат амбасадите на Кралството Холандија во Скопје, Тирана и Приштина.

Pride Photo Award е меѓународен годишен фотографски конкурс со фокус на сексуалниот диверзитет и родовиот идентитет. Секоја година фотографи ширум светот ги споделуваат своите најкреативни, најпредизвикувачки и нестереотипни погледи на родот и сексуалноста. Меѓународно експертско жири ги селектира најдобрите дела по што се организира светска изложба. Изложбата веќе беше поставена во Амстердам, Болоња, Џакарта, Ханој и во Сан Франциско.

– Целта на  Pride Photo Award е да придонесе кон поправичен и инклузивен свет преку видливост на сексуалниот и родов диверзитет и создавање свесност за „другиот“.  Во време кога личните ставови се под силно влијание на визуелната информација, фотографијата нуди моќна и современа алатка за општествени промени. Сликите поседуваат уникатна моќ да едуцираат и информираат бидејќи ги надминуваат јазичните бариери и културните разлики, соопшти Холандската амбасада во Скопје.

Изложбата ќе може да се посети до 17 декември, а вечер ќе ја отвори холандскиот амбасадор во Македонија, Воутер Пломп.