Дали е во прашање кандидат Албанец за градоначалник или нешто друго јавноста изненадувањето ќе го слушне во сабота од лидерот на ДУИ Али Ахмети.
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети со сабота ќе соопшти убава вест, вели премиерот Зоран Заев кој не сака да откри за што станува збор.
– Убава зтоа што е целосно во корелација со работењето на Владата, споделено е со нас, убава е затоа што е модерна и соодветна за 21 век. Тоа е освежување и новина – рече Заев но не откри детали бидејќи тоа е агенда на ДУИ.
На прашањето дали на локалните избори СДСМ и ДУИ ќе излезат со заеднички кандидат Албанец премиерот рече дека не сака да шпекулира.
-Ќе се пушти тежа точна, неточна па ќе направиме од шлагче, црешка па правиме торта нема потреба од тоа, вели Заев.
На роденденот на ДУИ, секогаш има изненадувања
„Стана пракса на роденденот на ДУИ, секогаш да се објавува нов концепт, ново поглавје нов пристап“, вака министерот за надворешни работи, Бујар Османи ги коментираше за веста што лидерот на ДУИ, Али Ахмети ќе ја соопшти во сабота.
Османи потенцира дека многу добра вест би била да се реши спорот со Бугарија, но засега такво нешто не може да потврди.
„Во сабота ќе биде објавен важен концепт“, посочи Османи за емисијата „24 анализа“.
Арбер Адеми од ДУИ вели дека на 5-јуни ќе биде изненадување тоа што Ахмети ќе го соопшти.
„Јас не знам, сигурен сум“, додава Адеми, во гостувањето на ТВ Алсат.
Не е изненадување, ако има кандидат Албанец
„Не е изненадување, ако има кандидат Албанец. Во секоја нормална држава е тоа. Секоја коалиција дава свои луѓе“, вели поранешниот амбасадор, Јован Донев во емисијата „Само вистина“, коментирајќи ја веста што лидерот на ДУИ, Али Ахмети треба да ја соопшти во сабота.
Според него, лошо е што во земјата две коалиции немале заедничка платформа, туку секогаш се пазарат.
„Тоа се две тајфи кај што си ги делат местата и тоа што треба да не загрижува е несериозност на македонската политичка елита. Не може ништо да ме изненади од Ахмети, затоа што не очекувам ДУИ да излезе со нешто сериозно. Тоа веројатно ќе биде некое барање“, додава Донев.
На што точно мисли лидерот, од Мала Речица не откриваат. Медиумите веќе на големо шпекулираат дека станува збор за платформа која треба да седне етнички Албанец во градоначалничката фотелја во градскиот парк во Скопје.