Израел: Дополнителна доза Фајзер за возрасните со слаб имунитет

од Nikola Popovski

Израел денес објави дека ќе започне да им нуди на возрасните со слаб имунолошки систем дополнителна доза на вакцина против коронавирус, изработена од компаниите Фајзер и Бионтек.

Израел вели дека сè уште проценува дали пошироката јавност треба да ја прими третата доза од оваа вакцина.

Израелскиот министер за здравство Ницан Хоровиц изјави дека одлуката дека возрасните, чиј имунолошки систем е загрозен и кои примиле две дози вакцина Пфајзер, можат да добијат дополнителна доза вакцина и дека се чека одлука за поширока дистрибуција, ќе стапи на сила веднаш, пренесува „Ројтерс“.

„Го испитуваме ова прашање и сè уште немаме конечен одговор“, изјави Хоровиц за Радио Кан, зборувајќи за давање дополнителна доза на пошироката јавност во Израел.

Што се однесува до луѓето со послаб имунолошки систем, на кои ќе им биде понудена дополнителна доза на вакцина, Хоровиц рече дека станува збор за луѓе кои имаат трансплантирано орган или страдаат од медицинска состојба што предизвикува пад на имунитетот.

Според израелското Министерство за здравство, околу половина од 46 пациенти кои се во сериозна состојба во Израел се вакцинирани лица.

Израелскиот координатор за одговор на пандемијата во средата рече дека огромното мнозинство од нив биле од ризични групи, постари од 60 години, кои претходно имале здравствени проблеми.

Слични содржини