Израел ги засилува воздушните напади врз Газа, додека САД повикуваат на воздржаност

од Stefanija Kuzmanovska

Израелската војска во четвртокот го засили бомбардирањето врз Појасот Газа, во време кога САД го повикаа Израел да покаже воздржаност во третиот месец од војната против палестинската исламистичка група Хамас.

Владата на Хамас соопшти рано утрово дека 19 Палестинци биле убиени во израелските воздушни напади.

Во израелска акција на друга палестинска територија, окупираниот Западен Брег, двајца Палестинци беа убиени, а неколкумина беа ранети во Џенин, упориште на вооружените фракции, соопшти министерството за здравство на палестинската управа.

Израелската армија утринава соопшти дека загинал резервист во Газа.

Со неговата смрт, бројот на загинати во израелската копнена офанзива на таа мала енклава се искачи на 116, откако вчера загинаа десет војници, најмногу во еден ден.

Водачот на Хамас Исмаил Ханије, кој живее во егзил во Катар, во телевизиски говор во средата вечерта рече дека „секој договор во Газа без Хамас или движењето на отпорот е илузија“ и ја изрази својата подготвеност да разговара за политиките кои ќе го обезбедат правото на Палестинците на независна држава со главен град Ерусалим.

Слични содржини