Ја обезбедивме Словенија со квалитетен кадар, а ние ќе кукаме за работници

Состојбата е очајна, а како што стојат работите уште повеќе ќе се продлабочува недостигот на работна сила, бидејќи млади заминуваат во држави каде што се учи и се вреднува наученото

од Vladimir Zorba
51 прегледи Фото: Slovenia For You

Трендот на заминување на младите да студираат во Словенија не запира. Во последните две академски години, над 3.000 студенти од Македонија се запишале во Словенија. Сепак, овој тренд предизвикува загриженост кај професорите и Владата, бидејќи многу млади не се враќаат во Македонија по завршување на студиите.

Професорите велат дека ја обезбедуваме Словенија со амбициозни студенти кои потоа остануваат да работат таму, а ние остануваме да кукаме. Состојбата е очајна, а како што стојат работите уште повеќе ќе се продлабочува недостигот на работна сила, бидејќи млади заминуваат во држави каде што се учи и се вреднува наученото.

Фото: Јутјуб/Принтскрин/Косово онлајн

-Трендот на заминување на студенти во странство само ќе се зголемува и тоа е показател на нивото на образование во Македонија. Кога ќе погледнете кој е министер за образование, кој се бил министер, кој се предава на факултетите јас се чудам воопшто како и има студенти кои студираат во Македонија. И втора најголема причина, кој би сакал да остане и студира во држава каде цвета корупцијата, каде партиските членови се и професори со сомнителни трудови и дипломи и држава каде криминалот е нормална и секојдневна состојба, изјави за „Локално“, аналитичарот Синиша Пекевски.

И универзитетскиот професор, Дејан Трајковски вели дека отворањето 153 факултети на 24 универзитети не донесе квалитет. Во услови на уништена конкуренција на знаење, резултатот е неквалитетен кадар што не му треба никому.

Фото: Фејсбук/Дејан Трајковски

-Дури и најквалитетни професори, кои би дошле тука од странство, не би го кренале нивото на образованието во вакви услови. Освен високото образование, уништени се и основното и средното образование преку партиски вработувања на неквалитетен кадар, како и разни експерименти со Кембриџ, задолжително средно образование и екстерно оценување. И најквалитетните наставници кренаа раце и почнаа да пишуваат нереални и незаслужени оценки, за да ја спасат својата кожа, изјави за „Локално“, Трајковски.

Она што ги влече македонските средношколци да студираат во Словенија е што има одличните услови, програма, професорски кадар и диплома која е признаена во Европа, а дел од факултетите нудат и бесплатни студии. Но, она што загрижува е фактот дека голем број од овие студенти остануваат да работат во Словенија или во некои од западноевропските земји.

Од друга страна, Македонија нема стратегија како да ги врати и останува без квалитетен кадар кој и е потребен на македонската економија.

Б.С.