Министерство за здравство направило превид и објавило погрешни имиња на директори за две установи.

Така, Јане Нетковски не е директор на Клиниката за увo, нос и грло, ниту пак д-р Венцо Вијунов е директор на Здравствениот дом Виница.
Министерството за здравство направило превид – за две клиники се објавени неточни податоци околу имињата на новите директори. Станува збор за Клиниката за уво, нос и грло каде за директор на оваа Клиника е поставена д-р Габриела Копачева – Барсова, наместо како што беше претходно најавено за д-р Јане Нетковски.
Сличен превид е направен и за Здравствен дом Виница: на оваа Клиника за директор е поставен д-р Венко Данчев наместо како што беше претходно најавено за д-р Венцо Вијунов.
Одделението за односи со јавност информира дека се направени технички предвиди при внесување на податоците за двете две здравствени установи.
Инаку, деновиве откако беа објавени повеќе имиња за нови директори поставени на здравствените установи, во неколку медиуми се појави текст во кој се тврдеше дека новоназначениот директор на Клиниката за уво, нос и грло, проф. доктор Јане Нетковски дека бил познат „митаџија“.
Тој пак, испрати барање за демант и извинување до редакциите бидејжи според него „ станува збор за целосна невистина и клевета изнесена во текстот со која се нарушува мојот углед како лекар и како личност, затоа што не постои правосилна судска пресуда со која сум осуден за било какво кривично дело“, пишува Нетковски во неговиот демант.
„Според прибавените материјални и вербални докази во текот на истрагата не се утврди дека во дејствијата на Нетковски се содржани битни елементи на кривично дело-примање поткуп ниту било кое друго кривично дело за кое се гони по службена должност“, пишува во решението на Јавното обвинителство, кога беше запрена истражната постапка против Јане Нетковски.