Јеремиќ: На пролет во Србија ќе има лажни избори, а вистинските ќе бидат во зима

од Aleksandar Petrovski
282 прегледи

Претседателот на Народната партија (НС) и претседавач на опозициската коалиција Сојуз за Србија (СзС), Вук Јеремиќ, изјави дека 2020 година ќе биде клучна и ако опозицијата опстои во бојкотот, изборите следната година најверојатно ќе се одржат двапати, лажни на пролет и вистински во зима, кога власта ќе биде поразена.

– Следните неколку недели ќе има голем притисок да ја поништиме нашата одлука за бојкот на лажните избори на пролет. Ако не се поколебаме и останеме цврсти, ќе се појават нови околности и ќе стане јасно дека режимот веќе нема легитимитет. Надворешната и внатрешната состојба ќе бидат такви што нема да има алтернатива за одржување на вистински избори, изјави Јеремиќ во Нови Сад, на годинашнината од основањето на Градскиот комитет на партијата.

Како што јави дописникот на МИА, Јеремиќ истакна дека наскоро ќе се објави дека се исполнети голем број услови за фер и чесни избори, бидејќи ќе се усвојат некои закони, некои членови на РЕМ би можеле да бидат променети, а опозициските лидерите ќе почнат да добиваат покани за гостувања на националните телевизии.

– Тогаш нашите партнери од ЕУ, од кои повеќето имаат добри намери, ќе ни кажат сепак да размислиме за да излеземе на избори, затоа што не можеме да се бориме надвор од институциите ако сакаме да изградиме демократски поредок. Тоа ќе биде многу сугестивно и нема да биде лесно да се одолее на сето тоа. Но, НС нема дилеми и сигурно ќе ги бојкотира изборите и јас сум убеден дека тоа ќе го направат и нашите партнери од СзС, кажа Јеремиќ.

Тој оцени дека во 2020 година светот повторно ќе се осврне на Западниот Балкан, бидејќи конечно за наплата ќе дојде ветувањето на српскиот претседател Александар Вучиќ дека ќе го реши косовското прашање со тоа што ќе дозволи влез на Приштина во ОН.

– Вучиќ нема да го исполни ова, меѓу другото и затоа што работите на Косово се сменети, нагласи Јеремиќ, додавајќи дека од гледна точка на меѓународната заедница, употребната вредност на Вучиќ ќе се намали во голема мерка, со што ќе се намали и нивниот степен на толеранција кон диктатурата во Србија.

– Ние мора да сториме сè што можеме за да го спречиме Вучиќ да го признае Косово и да инсистираме на бојкот на лажните избори, затоа што тоа е најкраткиот и најбрзиот начин за промена на власта, која драстично ќе падне во еден момент, изјави поранешниот шеф на дипломатијата на Србија и поранешен председавач на Генералното собрание на ОН.

Слични содржини