Јовановиќ за „Локално“: Војната на Блискиот Исток ќе предизвика нов бран на поскапувања

Ризикот дека ќе има поскапувања е реален и Владата треба уште веднаш да ги замрзне цените на храната во наредните неколку месеци, за да спречи да се повтори она од 2022 година, кога фирмите ја злоупотребија ситуацијата и ги вивнаа цените во небо, појаснува Јовановиќ.

од Vladimir Zorba
42 прегледи Фото: Јутјуб/Принтскрин/ CEF

Ескалацијата на конфликтот на Блискиот Исток повторно ги зголемува стравувањата од поскапувања и нов инфлациски бран. Цената на нафтата веќе бележи раст, а економските налитичари предупредуваат дека доколку војната продолжи со истиот интензитет, можни се дополнителни скокови на светските берзи. Иако дел од прогнозите укажуваат дека ценовниот притисок може да биде краткотраен, ризикот од пренесување на ефектите врз домашниот пазар останува реален.

Економскиот аналитичар, Бранимир Јовановиќ од Виенскиот институт за меѓународни економски студии во изјава за „Локално“ вели дека растот на цената на нафтата го зголемува ризикот од нова инфлациска спирала, потребни се навремени мерки за стабилизација на пазарот.

-Главниот ризик е дека ќе има повторно бран на поскапувања, како што имаше по нападот на Украина во 2022 година. Цената на нафтата веќе скокна од околу 70 долари пред нападот на Иран, на околу 80 долари. Ако продолжи војната со овој интензитет, во наредните неколку денови ќе надмине и 100 долари, а ако потрае месец дена со сличен интензитет, како што најавува американскиот претседател Доналд Трамп, може да надмине и 150 долари. Тоа би било и повеќе отколку што скокна во 2022, кога достигна околу 120 долари, од 90 пред нападот, вели Јовановиќ.

Според него, она што е различно сега од 2022 година е што тогаш цената остана на околу 110-120 долари 4 месеци по ред. Сега тоа не се очекува, затоа што прогнозите се дека Иран не може да издржи толку долго да војува со ваков интензитет.

-И да има сега огромен скок на цената на нафтата, дури и на 150 долари, тоа не би било долго, цената бргу би паднала. Но ризикот дека ќе има поскапувања е реален и Владата треба уште веднаш да ги замрзне цените на храната во наредните неколку месеци, за да спречи да се повтори она од 2022 година, кога фирмите ја злоупотребија ситуацијата и ги вивнаа цените во небо, појаснува Јовановиќ.

Иако се очекува евентуалниот ценовен шок да биде краткотраен, ризикот од нов бран поскапувања е реален. Поради тоа, потребно е навремено реагирање со соодветни економски мерки, зголемена контрола на пазарот и заштита на основните производи, со цел да се спречи повторување на сценариото од претходните кризи и да се обезбеди стабилност на цените и стандардот на граѓаните.

Б.С.