Јовановска: Патот од идеја до реализација на сопствен бизнис не е лесен, но ако се работи со љубов успехот е неизбежен

Јовановска ги охрабрува младите кои сакаат да започнат свој бизнис да го направат тоа, бидејќи нема ништо подобро од тоа сам да си создадеш работа и да не чекаш од мама и тато или од државата да те вработи.  

од Vladimir Zorba
223 прегледи Фото: Локално

Младата Кристина Јовановска го реализираше својот бизнис сон преку отварање на кафе – барот „Блум“. Вели дека патот од идејата да отвори сопствен бизнис до негова реализација не бил лесен, но денеска се гордее со својот успех. Задоволните гости се доказ за тоа дека успеала во намерата да создаде пријатно место за кафе и за дружби во релаксирана атмосфера со голем број уметничките слики и внимателно избрани додатоци.

Јовановска ги охрабрува младите кои сакаат да започнат свој бизнис да го направат тоа, бидејќи нема ништо подобро од тоа сам да си создадеш работа и да не чекаш од мама и тато или од државата да те вработи.

Фото: Локално

-Отсекогаш сум сакала да имам сопствен бизни, а идејата да отворам кафе бар произлезе од моето искуство во овој сектор. Претходно имав работено во повеќе кафе-барови и познавав некои млади луѓе кои беа влезени во овој бизнис и кој многу ми помогнаа со нивните совети и насоки. Пред да започнам со бизнисот имав заштедено неколку илјади евра со кој сакав да си купам автомобил, но во тој случај мојата најголема желба да имам сопствен кафе – бар ќе останеше нереализирана. Затоа решив тие пари да ги искористам за да отворам бизнис, вели Јовановска за „Локално“.

Вели дека и покрај тоа што се уште студира, сакала да се обиде како е да се води приватен бизнис.

-Од друга страна, видов дека сега е вистинскиот момент, бидејќи државата дава субвенции за млади кои сакаат да започнат сопствен бизнис и е многу полесно. Кафичот го уредив со уметнички дела со цел гостите да уживаат во пријатниот амбиент. Освен тоа, има повеќе вкусови на кафе и разни алкохолни и безалкохолни пијалоци. Имам вработено едно девојче, а кога има повеќе работа ми помагаат мајка ми и брат ми, додава нашата соговорничка.

Јовановска вели дека трудот, желбата и упорноста на крајот се исплаќаат, а вложените пари многу брзо се враќаат.

-Младите кои имаат некој идеја и некоја минимална заштеда веднаш да започнат сопствен бизнис затоа што сега е многу полесно од претходно. За да отворат свој бизнис младите можат да користа разни субвенции, фондови и други извори на средства кои се наменети за започнување на сопствен бизнис. Но, секогаш треба да имаат во предвид дека на почеток е тешко и треба време за да се разработи, но секоја работа која се работи со љубов на крајот резултатот е неизбежен, смета Јовановска.

Ова е уште еден апел дека за да се задржат младите во државата треба да се поддржат нивните претприемачки идеи и да им се помогне за да успеат во нивна реализација.

Б.С.