Премиерот на Македонија, односно Северна Македонија (таа земја беше принудена да го смени името со надеж дека ќе ја отвори вратата за интеграција во ЕУ) Зоран Заев поднесе оставка откако неговата партија претрпе тежок пораз на локалните избори. Ова на прв поглед изгледа како разумен чин, доказ за чувство на одговорност за неуспех, што не е карактеристика на политичарите на Балканот. Лидерот на партијата е најзаслужен кога победува, но и најодговорен кога губи. Сепак, оставката на Заев има многу поширок контекст, стои во анализата на хрватски „Јутарњи лист“, за ситуацијата во земјава после локални избори.
Според нив, таа доаѓа во време кога за Северна Македонија повторно е блокиран патот кон ЕУ. Овојпат тоа го направи Бугарија со која се расправаат за идентитетски прашања, вклучително и етничката припадност на некои историски личности.
-На пример, дали Гоце Делчев е македонски или бугарски. Одговорот на ова прашање во моментов е најголемата пречка во процесот на проширување на Европската унија, не само за Северна Македонија туку и за Албанија. Зашто, ако Бугарија ја блокира Македонија, тогаш некои други земји од ЕУ не се согласуваат пристапните преговори да се отворат само со Албанија. И така целиот процес стои, се вели меѓу другото во текстот.
Анализата покажува дека, иако на локалните избори темите се поврзани со општинските прашања, квалитетот на градинките и училиштата, градскиот превоз, коловозот, осветлувањето на населбите, реставрацијата на канализацијата, грижата за отпадот, во Северна Македонија тие имаа и национална и меѓународна конотација.
-Реформската влада на Зоран Заев беше обвинета за предавство на националните интереси. Оваа влада, надевајќи се дека ќе ја отстрани и последната пречка за отворање на преговорите со ЕУ, се согласи да го смени името на државата. И навистина Грција ја отстрани својата блокада во ЕУ. Сепак, следеше блокада од Бугарија. А, ако му верувате на Брисел, спорот со Бугарија е единствената пречка.
ЕУ изневери многу земји, но ниту една како Македонија. Тешко е да се поверува дека Бугарија навистина би можела да го спречи отворањето на преговорите на ЕУ со Северна Македонија, што е само првиот чекор кон интеграција, доколку немаше тивка согласност од некои други земји. Ако Германија и Франција навистина се грижеа за отворање на овие преговори, ова ќе се случеше. Сега би имало начин Бугарија доброволно да ги отвори преговорите, а во текот на процесот да се решаваат отворените билатерални прашања. Но ниту еден компромис за 15 години не беше доволен за ЕУ да го исполни ветувањето. Значи, залудна беше жртвата што ја даде владата на Зоран Заев. И нема назад, бидејќи старото име на државата веќе не може да се врати, иако на локално ниво некои нови победници најавуваат дека ќе го тргнат името „Северна Македонија“ од документите и ќе ја вратат само „Република Македонија“, пишува „Јутарњи лист“.