Актерот Бранко Огњановски од легендарното хумористично телевизиско шоу „К-15“ му се заблагодари на претседателот Стево Пендаровски за Медалот за заслуги што го добија сите тројца членови на шоуто.
Огњановски во објава на социјалните мрежи истакна дека ова признание не би било можно без подршка, инспирација и работа на многу луѓе со кои го делеле ова долгогодишно патување. Им се заблагодари на сите соработници кои биле со него во сите овие години, на целото семејството и пријателите кои секогаш биле покрај него и го поддржувале кога било тешко, но и се смееле и радувале на успесите.
-Особено им благодарам на Васко и на Бубо без кои овој успех немаше да се случи. Хуморот има моќ да ги спојува луѓето, да ја лечи душата и да ги осветли и најтемните моменти. Со К-15 се трудевме да донесеме насмевка на лицата на гледачите и покрај предизвиците и тешкотиите (читај сите срања) кои секојдневно ги живееме. И затоа, овој медал не е признание само за нас како поеднци, туку за целата наша публика, за сите кои се смееа заедно со нас, кои го препознаа нашиот хумор и кои ни помогнаа заедно да дојдеме до ова дереџе, објави популарниот „Миле Паника“.
Огњановски и Тодоров се одликуваат за неповторливото хумористично шоу „К-15“, преку коешто пренесуваат уникатна социјална, политичка и економска сатира за состојбите во македонското општество и кои, како едни од најкарактеристичните телевизиски ликови оставаат белег и поттик за развој на овој вид творештво во иднина.
Каров се одликува за авторскиот придонес и за учеството во шоуто „К-15“ и воопшто за сиот ангажман во радиото и телевизијата, за придонесот кон македонската музика, но и за неговиот граѓански активизам и за вклучувањето во зачувувањето на животната средина.