Kабинетот на Пендаровски: Со верификација на мандатите на пратениците Собранието е конституирано

од Берта Китинска
361 прегледи

Согласно уставните одредби во член 90 став 1 рокот за доделување на мандатот е десет дена од констиуирањето на Собранието. Со денот на верификација на мандатите на пратениците се смета дека Собранието е конституирано, појаснуваат за МИА од кабинетот на претседателот на државата Стево Пендаровски во врска со денешната изјава на досегашниот спикер на Парламентот Талат Џафери, кој смета дека без избран претседател законодавниот дом не може да се смета за конституиран.

-Во 2016 година, тогашниот претседавач, Трајко Велјановски, испратил допис датиран на ден 30 декември 2016 година, со кое го информира тогашниот претседател Иванов дека Собранието е конституирано со верификација на мандатите, иако не е избран претседател, појаснуваат од кабинетот.

Кабинетот на претседателот го очекува дописот од претседавачот Талат Џафери, со кој ќе информира дека Собранието е конституирано со верификација на мандатите на 4 август 2020 година.

-Без разлика на дописот, согласно уставните норми, роковите за доделување на мандатот на кандидатот на партијата или партиите кои имаат мнозинство во Собранието течат од 5 август 2020 година, истакнуваат за МИА од кабинетот на Пендаровски.

Џафери за ТВ 21 вели изјави дека според него без избран прв човек на Собранието нема конституиран Парламент. Тој се уште не испратил известување до шефот на државата Стево Пендаровски за формирањето на парламентот со што би почнале да течат роковите за доделување на мандатот.

Согласно здравствените протоколи за заштита од ширење на Ковид-19, минатиот вторник во Собранието на Република Северна Македонија, во салата со Голема купола се одржа конститутивната седница на десеттиот парламентарен состав, на која присуствуаа 117 од вкупно 120 пратеници избрани на предвремените парламентарни избори одржани на 15 јули.

На дневен ред на конститутивната седница беа четири точки, од кој само за првите две имаше расправа. Останатите точки кои предвидуваат избор на претседател на Собранието, негови заменици и членови и нивни заменици на Комисијата за прашања на изборите и именувањата, според претседателот на претходниот состав Талат Џафери, ќе се дискутираат тогаш кога ќе се создадат услови за тоа.

Според Деловникот на Собранието, на оваа конститутивна седница и претходеше формирање на Комисијата за верификација на мандатите. По предлог на претседателот во претходниот состав Џафери, за претседател на оваа Комисија беше избрана пратеничката Јагода Шахпаска, а за членови пратениците Изет Меџити, Благица Ласоска, Соња Мираковска и Сафије Садики Шаини.

Верификациската комисија утврди дека предвремените избори за пратеници се спроведени согласно со Решението за распишување на предвремени избори за пратеници во Собранието од 16 февруари 2020 година и Решението за изменување и дополнување на Решението за распишување на предвремeни избори за пратеници од 15 јуни 2020 година.

На изборите кои се одржаа на 15 јули коалицијата „Можеме“ предводена од СДСМ освои 46 пратеници, коалицијата „За обнова на Македонија“ на ВМРО-ДПМНЕ – 44, ДУИ – 15, коалицијата на Алијанса на Албанците и Алтернатива – 12, Левица – два и ДПА – еден мандат.

Со одржувањето на конститутивната седница течат роковите за формирање на влада. Во Уставот е предвидено претседателот на државата во рок од десет дена од конституирањето на Собранието да го довери мандатот за состав на Владата на кандидат на партијата, односно партиите што имаат мнозинство во Парламентот. Мандатарот во рок од 20 дена од денот на доверувањето на мандатот, на Собранието му поднесува програма и го предлага составот на Владата. Владата, на предлог на мандатарот и врз основа на програмата, ја избира Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Слични содржини