Кацарска била нападната во Грција по пресудата за „мерцедесот на Груевски“

од Nikola Popovski
1,7K прегледи

Претседателката на Уставниот суд во заминување, Добрила Кацарска синоќа зборувајќи за заканите што ги добива, обелодени дека се соочила со непријатна ситуација додека била на одмор во Грција пред неколку години.

-Во периодот кога го судев предметот за поранешниот премиер Никола Груевски, кога ја објавив пресудата, по недела дена отидов на одмор во Грција со моја другарка. Таму бев физички нападната на плажа, односно бев удрена со клоца во пределот на глуждот од ногата. Имав голем оток и со таква нога, наредниот ден возев назад за Скопје. Не пријавив во полиција за тој настан и сметав дека е изолиран случај, рече Кацарска во емисијата „Топ тема“.

Судијката појасни дека има свое обезбедување, но не на нејзино барање, туку по претходна безбедносна оценка.

-Постојано се случува ова. Се случува да видите како некој се стрчува накај мене и сака да ме нападне, но кога ќе го види обезбедувањето, тој бега и ова се се случува на јавно место, информира Кацарска.

Додава дека нема сознанија кој стои зад овие напади и додава дека што и да каже би било во рамките на шпекулации.

За потсетување, вчера заврши мандатот на претседателката на највисокиот суд во државата. Работењето на Судот под нејзино раководство, го оцени како успешно и покрај фактот што половина од нејзиниот мандат имало само пет судии. Новиот претседател на Уставниот суд треба да биде избран до 2-ри јуни со тајно гласање на судиите во Судот.

Слични содржини