World Population Review објави листа на европски земји според трошоците за живот, рангирана од најскапи до најевтини.
Листата што ја состави оваа американска организација за собирање податоци за глобалното население и демографија вклучува 41 европска земја.
Пресметката е направена со споредување на цените на стоките и услугите во Њујорк, а земени се предвид пет критериуми – трошоците за живот воопшто, цените за изнајмување, цените на намирниците, цените на рестораните и индексот на цените на производителите.
Според оваа пресметка, најскапи земји за живеење се Швајцарија и Исланд. По нив следат два британски даночни раеви – островите Џерси и Гернзи, а на петтото место е Ирска.
Меѓу десетте најскапи се Норвешка, Луксембург, Данска, Холандија и Велика Британија. Австрија е на 11, а Германија на 12 место.
Гледајќи на дното на табелата, земјата со најниски трошоци за живот е Белорусија. Малку над неа се две завојувани земји – Украина и Русија, а потоа следат Македонија и Молдавија.
Бугарија е рангирана на 36-то место, што ја прави најевтина (и, се разбира, најсиромашна) членка на Европската унија, и е наречена „еден од скриените скапоцени камења во Европа за туристите и иселениците“. Веднаш над неа, на 35. место е Романија, додека Србија го зазема 34. место.
Од земјите во регионот, Словенија е најскапа за живеење и се наоѓа на 25. место. Заедно со Словенија, најскап живот во земјите од регионот има Хрватска, која е на 29. место. По нив следат Црна Гора на 31, Унгарија (32), додека Босна и Херцеговина не се најде на оваа листа.
Полска е на 30. место, а поскапи од неа се Словачка, Летонија, Литванија, Словенија, Грција, Естонија, Чешка, Португалија и Шпанија, кои се рангирани по тој редослед до 20. место.