Каевски: Алтернатива е добредојдена, зголеменото мнозинство ќе се погрижи никој да не остане сам зимава

од Nikola Popovski
133 прегледи

Со вклучување на Алијанса како нов коалициски партнер во Владата се обезбедуваат сите услови за политичка стабилност и зголемена ефикасност на Собранието и институциите, изјави денеска портпаролот на СДСМ, Дарко Каевски, поздравувајќи го фактот што премиерот Димитар Ковачевски го достави до Собранието предлогот за реконструкција на Владата со кадровските решенија.

Според Каевски, стабилноста и ефикасноста ќе допринесе да продолжиме со реформите во економијата, во судството и во однос на интеграцијата на земјата во ЕУ.

-Тоа е добро и за инвеститорите и за економијата. Нашите деца, нашите граѓани, немаат време за губење. Зголеменото владино мнозинство ќе се погрижи никој да не остане сам оваа зима и заздравувањето на економијата да започне веќе оваа година, порача портпаролот.

Околу статусот на Алтернатива во ова владино мнозинство, Каевски истакна дека партијата е добредојдена со свој придонес во европската коалиција.

-Упатуваме порака до Алтернатива дека вратата за соработка е отворена и понатаму. Во време кога имаме политички партии како Левица и ВМРО-ДПМНЕ кои активно работат против членството во ЕУ, важно е заеднички да работиме за остварување на стратешките цели.

СДСМ не ги дели партиите, отворени сме за идна соработка и до други пратеници од други политички партии кои сакаат да ги поддржат реформите, економските политики и агендата на ЕУ за подобра иднина на земјата, потенцира Каевски.

Oткако стана јасно дека Владата ќе добие 4 нови министри, 5 нови заменици, а Алтернатива ќе остане само со еден министер, партијата на Гаши одлучи конечниот став да го изгради на седница Централното собрание која ќе се одржи утре со почеток во 16 часот во седиштето.

Слични содржини