Кафе со МАМА

од Vladimir Zorba
216 прегледи
Неделно врело утро. Болат уши од тишина. Со уште призатворени очи, ја напипувам конзервата со кафе. И слушам, слушам ритмично движење на метла. Тука, под прозорецот, кај мене во двор. Истрчувам надвор и ја гледам мајка ми. Ги дометува сувите цветови од хибискусот (ќе земам некој ден и со заби ќе го откорнам од земја) и се упатува накај чешмата.
– Мамо! Што правиш по горештиниве, влегувај внатре!
Драгица си го мие нозете со цревото, лицето и косата ги наквасува обилно и си отпива од водата. На последната голтка, со скршениот и’ српско-скопски се воодушевува:
– Што фина водица хладна. Сум била пешице на гробље, па викам, да пројдем да ве видим.
Влегувајќи дома, продолжува:
– Бев кај сестра ти, зелениката ја скастрив, букнала многу. И кај Љупчота бев, свежо цвече ставив од она нашето у двор. Он многу љуби свежо цвече. Јој, што пријатно расхлаџено овде кај вас.
Препознавам благ прекор меѓу редови – одамна не сум била на гробишта. Фрлам окце накај преполниот садопер и назачки му се приближувам, ама Драга е побрза:
-Остај, сине! Мајка ќе измие судови. Твоји раце се нежни. За пишување се раце мои мајкини. Да не имаш некој веш за прање? Дур је јефтина струја, за час ќе се осуши.
Не вреди да се расправа човек со неа, веќе е замацана до лакти со садовите.
Не знам колку време имам, не знам на која финта и’ дале допуст од рајските градини, ама чувствувам дека треба нешто значајно да разрешам со мајка ми. Секако, не смеам да допуштам вака глупо и залудо да се троши присуството на еден посетител од оној свет. Жестоко ми се пали цигара, ама не смеам да пушам пред неа. Веднаш ќе почне со лекции дека тоа е лошо за здравјето, за тенот….Како да ми ги чита мислите, загрижено ме погледнува:
– Нешто си ми откорена у очите. Да ти не тежи нешто?
Дали ми тежи нешто? Дали ми тежи нешто! Толку би сакал да и’ седнам во скут и да се изнаплачам во превојот на вратот. И тоа не смеам да го направам. Што ја знам? Може да ми ја влепи една наопаку со таа насапунетата рака. „Уозбиљи се!“ – така би реагирала на слабост онаа моја мајка која јас ја помнам. Нервозно земам некое пластично капаче и го грицкам, наместо цигара.
– Мамо? Ти текнува кога бев во Америка и кога не ти се јавив три месеца (не можев никако да соберам доволно монети од четвртина долар), а моте разгледници стасаа откако си дојдов дома? Се сеќаваш што ми одговори кога те прашав дали си била загрижена?
– Баш беше фино поправена кога се врати – со насмевка се присеќава Драга. – И сигурна бев дека секогаш има добри луѓе околу тебе. Затоа не се секирав.
– Така е, мамо. После тоа, поминував многу време надвор, по убави и не толку убави места, во пријатни и не толку пријатни ситуации и никогаш, никогаш, не ми се случило ништо лошо. Никој не ме повредил, ограбил, прелажал, дури ни навредил. Освен една унгарска полицајка. Да речеме дека тој исклучок го потврдува правилото. А правилото е дека сите биле кон мене, ништо помалку од љубезни.
Мајка ми ја домива последната чашка, ги брише рацете и седнува спроти мене. Ја чека поентата. Би ми било поедноставно кога и јас би ја знаела.
– Не знам, мамо. Не можам да си објаснам зошто овде, дома, толку се назабија луѓево, толку се намразија, се одродија, та дури и се закрвија. Да ти е страв да прифатиш подадена рака. Не знаеш дали ќе те гушне или ќе те одведе во амбис. Тоа ми тежи. Од себе тргнувам. Една капка омраза ми натежнала повеќе од еден тон љубов. Можеби и обратно станало веќе, навистина не знам.
Ме гледа продорно, а веѓите полека почнуваат да и’ се набираат во лак.
– Сине, ја и татко ти сме прошле и рат и глад. Сите исто имавме и сите исто немавме. И сите среќни. Ќе ушпараш некоја тачкица, па ќе купиш материјалче и ќе сашиеш сукњица. Једна. Навечер испери, утре облечи. Ако треба и ќе ја позајмиш на другарица, да промените мало. Сме се поштовале. Знам дека је тешко. Секој своја мака гледа. Једно те моли мајчица – Немој, сине да гајиш мржња. Тој што е љут и гневан треба два пати повише да го сакаш. И за него и за себе треба да љубиш. Нема лоши луѓе. Има само несакани луѓе.
Го допивам кафето. Нема никој по дома. Со одамна непочувствувана леснотија, ги бришам солзите.Чашата од кафето ја оставам во чистиот садопер.
Гордана Попсимонова