Многу земји во светот почнаа да применуваат скратена работна недела, односно работниците да работат четири дена, а три да одмараат. Анализите покажуваат дека со пократката работна недела вработените се помалку под стрес и се чувствуваат подобро, а работата и животот им се побалансирани. Меѓу земјите кои воведоа пократка работна недела во некои сектори се Велика Британија, Исланд, Шпанија, Франција, Нов Зеланд, Јапонија, САД….
Се поставува прашањето дали во Македонија може да профункционира скратена работна недела од четири дена?
Сепак досегашната пракса покажува дека овој модел барем засега тешко дека ќе профункционира затоа што земјава е со многу понизок стандард од европските држави. Кај нас се уште работникот се искористува максимално, а доказ за тоа се измените на Законот за работни односи со кои беше воведена можноста за работа над 60 часа неделно за работа на стратешки проекти.
Поради тоа, од Сојузот на синдикати на Македонија бараат во новиот Закон за работните односи да се воведе 35 часовна работна недела.
-Ние како земја аспирант за членство во ЕУ треба да се залагаме за намалување на работната недела на седум работни часа дневно или четири работни дена во неделата, а не да се враќаме назад во историјата и да воведуваме експлоатација на работниците и работа во просек по 12 часа. Со зголемување на бројот на работни часови и денови во неделата се зголемува ризикот од несреќи, повреди и смртни случаи на работа, а се загрозува и апликацијата за влез во ЕУ, бидејќи предлозите се во спротивност со директивите за работно време на Унијата, изјави за „Локално„, Иван Пешевски потпретседател на ССМ.

Иван Пешевски
Продуктивноста на работниците е поврзана со условите за работа, примена на современи техники и технологии, соодветна плата, право на одмор и грижа за семејството. Само така работниците можат да бидат посветени на работата и лојални на работодавачите. Во спротивно сведоци сме на се помасовен одлив на работна сила од земјата.
Примената на новите техники и технологии во производните процеси резултира со постигнување на поголема ефикасност во работењето, а истовремено создава и реална основа за намалување на работната седмица на 35 часовно работно време.
-На градежните работници не смее да им се намалат неработните денови, ниту пак да им се скрати неделата како неработен ден. Продуктивноста се зголемува со почитување на работничките права и обезбедување на реално работно време, а не со продолжување на работната недела. Работодавачите треба да разберат дека конкурентност се постигнува преку обезбедување на безбедни работни услови, заштитна опрема, обука и оспособување, современа механизација, средства за работа…, вели Пешевски.
Европските трендови се во насока на намалување на работните часови, кратење на работната недела и воведување на работна недела под 40 часа неделно. Во дел земји од Европа и светот, веќе се спроведени анализи и истражувања што покажале дека пократката работна недела многу подобро се одразува врз мотивираноста и продуктивноста на работниците, а со самото тоа и врз добивката на работодавците.
Б.С.