Хрватската Влада никако не успева на вистински начин да се соочи со актуелната појава и ефектот од најтешкиот десничарски ревизионизам – во Јасеновац недалеку од некогашниот концентрационен логор на НДХ
Помина повеќе од еден месец откако во градчето Јасеновац беше откриена спомен плоча со натпис „За дом – спремни!”. Секако, станува збор за усташки поздрав, како и за локација веднаш до спомен-подрачјето на поранешниот концентрационен логор од времето на Независна Држава Хрватска.
Споменикот кој веќе со денови предизвикува јавна дискусија, го подигнаа ветераните на Хрватските одбрамбени сили (ХОС) за 11 припадници на својата единица загинати на јасеновачкото подрачје во воените судири од 1991 до 1995 година. Но, според сите реакции, се чини дека тој споменик се претвора во стариот озлогласен поздрав.
Главното непријатно прашање кое се поставува поради тоа во Хрватска гласи: како беше можно тој поздрав да се појави токму таму каде неговите поклоници, хрватските следбеници на фашистите и нацистите, убиле најмногу луѓе, главно цивили Срби, Евреи, Роми, па и Хрвати антифашисти и комунисти?
Над 80.000 жртви во усташкиот конц логор по име се наброени по стаклените табли на јасеновачкиот музеј во сенка на монументалниот Камен цвет на Богдан Богдановиќ. Логорскиот комплекс се протега долж левиот брег на Сава, до Стара Градишка, а и на другата босанско-херцеговската страна.
Но, одговорот на погорното прашање можеби треба да се бара во проширувањето на енигмата, бидејќи пред Јасеновац слични натписи се појавија на многу други места во Хрватска, во разни форми.
Комеморативните поводи на една десничарско екстремистичка паравоена единица од почетокот на минатата деценија, секако не е прва ни единствена нивна појава во последните 25 години.
Покрај ХОС, доаѓаме до правниот парадокс во кој веќе со години се замешани хрватските власти. Фрањо Туѓман своевремено ја забрани паравоената ХОС и нареди прагмамтично инкорпорирање на неговите припадници во единствената Хрватска војска. Самото здружение остана регистрирано со спорниот усташки поздрав, како еден од потсетниците на чија традиција и натаму ХОС-овците се повикуваат. Меѓутоа, одбележјата на домашните колаборационисти окупатори и нивниот злосторнички режим во Втората светска војна, наскоро беа ставени надвор од законот.
Не беше тешко да се заклучи дека нивното отсуство во формално-службената регистрација на ХОС останува до денес најприкладно упориште на носталгичарите на ХОС. И за тоа се посегнува секој пат кога на некого ќе му затреба малку конфронтација со властите, неистомислениците и медиумите.
Сличен пример беше со споменикот на ХОС во Сплит пред две години, но од него натписот „За дом спремни” набрзо беше отстранет. Сепак, дефинитивно може да се каже дека хрватските власти генерално избегнуваат соочување со тој проблем, бидејќи тој може многу едноставно да се расчисти.
Усташките ознаки се забранети по неколку прекршочни закони и сите контроверзи не треба да претставуваат толку голем проблем, само кога би имало политичка волја за фаќање во костец со сопствениот срам.
Но, сметам дека тој веќе трајно проблематичен аспект на хрватската политика, може до некаде да го реши само ХДЗ, оцени за Дојче веле Берто Шалај, политиколог од загрепскиот Факултет за политички науки.
– Тоа се виде со примерот на Иво Санадер, релативно успешен во тој поглед, додека сега станува збор за малку поинакви односи во таа партија. Бидејќи, се гледа дека интерните екстреми покажуваат отпор кон обидите на новиот лидер Андреј Пленковиќ да ги помести кон ублажени позиции на десниот центар. Тие тоа го изведуваат и преку пратеничкиот клуб во Парламентот, но и со помош на разни поврзани здруженија. Така, лошо е и тоа што генерално имаме сограѓани кои го слават еден од најзлогласните европски режими на 20. век, како и тоа што тие не го поднесуваат ни својот шеф кој е умерен, а е хрватски премиер, вели Шалај.
Тој смета дека Пленковиќ оценува оти се уште нема сила за пресметка со радикалите, па и не се поставува строго во случајот со Јасеновац, но и веројатно не се залажува дека нивното делување ќе престане само од себе. – Со толерирањето може дополнително да се осоколат, да ги рашират крилата за идни акции, додава Шалај.
Од друга страна пак, со ваквите случаи, се посегнува и по споредбата со усташката идеологија со комунистичката и социјалистичката. На барањето да се отстранат усташките или генерално фашистичките и нацистичките симбоили, редовно се возвраќа дека треба да се отстрани и на пример црвената ѕвезда петокрака.
– Во основа, оправдувањето на еден злосторство со друго е неприфатливо. Притоа знаеме дека усташкиот режим беше исклучително злосторнички и во теоријата и во праксата. Комунистичкиот во теоријата беше многу поприфатлив, а и во праксата беше главно позитивен. Па и неговите злосторства не беа толку многу во 45-та, 65-та и 85-та година, заклучува Шалај.
Карактерот на некоја идеологија очигледно не може да се види само од нејзината теорија или само од праксата, а да не зборуваме за тој припаднички историски и геополитички контекст. Целокупното христијанство, на пример како наследство, теологија, богослужба, култура, било во спротивност со првите кандидати за укинување на законскиот декрет, а посебно тоа би бил случај со Римокатоличката црква.
Со тоа во принцип се согласува и Лука Богданиќ од Филозофскиот факултет во Загреб, а чие подрачје на научниот труд, меѓу другото е и филозофијата на политиката.
– Нема идеологија која била целосно света и која останала неоцрнета додека победува. Но, модерното општество не смее вака да се поставува политички во однос на минатото и сегашноста. Ние тука имаме работа со манипулација, со ревизионизам кој доживува подем насекаде, а тоа е многу важно, рече Богданиќ за Дојче веле.
– Зборувам за Европа, но тој процес успева и пошироко, на бранот на економската криза во која брзо расте популизмот кој светот го делат на мое и твое. Така предизвиканите тензии и одговараат на десницата, таа тука ги наоѓа своите вредности, а секогаш и самата во позадина има материјален интерес на својата елита, наспроти апстрактните вредности на татковината, нацијата, конфесијата. Договорот на таквата нова десница и современата левица која и самата се помести кон центарот, тогаш се урна, бидејќи нема доволно пари за сите. А естаблишментот се слева на десно и така стануваат налик едни со други. Токму тоа го чекаат вистинските фашисти, смета Богданиќ.
Овој млад научник, кој инаку се школувал во Рим, се смее на изговорите на десничарите според кои на пример повикот „За дом – спремни” всушност е стар историски хрватски поздрав.
– Дали така во Италија непречено би можеле да се повикуваат на Римскиот поздрав, т.е. подигната десна рака на Мусолини, а со оправдување во наводно искажување на почит кон латинското наследство? Тоа едноставно се тактики со цел спорната содржина некако да се провлече под радарот. Но, на хрватската политика се уште ќе и излегува на нос тоа што ХОС своевремено беше турнат под тепих, наводно укинат, а всушност признат. Така му одговараше на режимот, а што е и контрадикторно и трагично, наведе Богданиќ.
Во исчекување на понатамошно (не)реагирање хрватските власти по повод јасеновачкиот и слични примери на политички стапици, вреди да се истакне поучен поинаков случај од хрватското судство кое минатата пролет го уважи мислењето на државното обвинителство за инцидентот со фудбалскиот репрезентативец Шимуниќ.
Тој кон крајот на 2013 година ги анимираше трибините на стадионот во Максимир, повеќе пати извикувајќи на микрофон „За дом”, а голем број навивачи му возвраќаа со „Спремни”.
Обвинителството поднесе жалба на решението на првостепениот суд поради прениската парична казна, а вишите судски инстанци потоа го одобрија ставот дека Шимуниќ „бил свесен дека повикот „За дом“, со отпоздравувањето „Спремни“, го симболизира официјалниот поздрав за време на тоталитарниот режим на НДХ, т.е. дека како таков претставува манифестација на расистичка идеологија, презир кон другите луѓе поради нивната верска и етничка припадност, како и тривијалност на жртвите на злосторот против човечноста”. DW