Економијата во 2025 година имаше подеми и падови. И покрај тоа што очекувавме се да оди како подмачкано, како што ветуваше власта во реалноста не беше така. Владата постојано се фалеше со економски раст, а граѓаните се жалеа на високи цени и на ниски плати. Не се остварија ветувањата за намалување на инфлацијата на 2,5 отсто, а ниту реализацијата на ветените инвестиции. Статистичките бројки дека инфлацијата се намалува беа само на хартија во пракса граѓаните одвојува половина од својот буџет само за храна. На крајот од годината семејниот буџет доживеа уште еден шок, цената на струјата се зголеми, што значи од 1 јануари граѓаните ќе добиваат повисоки сметки од 57 до 900 денари.
Синдикатите и покрај тоа што цела година притискаа да се зголеми минималната плата, сепак не успеа. Владата на крајот се обиде да создаде слика дека се грижи за стандардот на граѓаните и покрај тоа што не донесе мерки за сузбивање на инфлацијата и не ја зголеми минималната плата.
-Реално и не можеме да зборуваме за економија кога и немаме економија ако истата зависи од државната власт и субвенциите кои ги добиваат компаниите, земјоделците, медиумите. 2025 не донесе ништо ново, а и не очекувам 2026 да донесе нешто ново или подобро. Се земаат кредити кои ретко кои ги гледа, инфлацијата расте, потрошувачката моќ паѓа, извозот на готови производи опаѓа, така да не можам да кажам дека нешто добро ќе биде во 2026. Освен за градежниот сектор и продложување на бетонизацијата на Скопје и Охрид најмногу со безобразно високи и нереални цени за квадрат, ретко кој друг сектор може да просперира. Добра година секако ќе имаат и банките и големите ланци на маркети каде граѓните плаќаат високи провизии и маржи на производи, изјави за „Локално”, економскиот аналитичар Синиша Пекевски.

Фото: Јутјуб/Принтскрин/Косово онлајн
Тој смета дека само со соодветна стратегија за поддршка на бизнисот ќе се случат позитивни промени.
-Излез и напредокот за македонската економија може да има само и единствено ако се инвестира и поддржи старт ап бизнисот, поддршка на иновативни проекти за млади на кои пазарот ќе им биде светот. Кои ќе извезуваат услуги и сервиси. Тоа е можно единствено преку регулирање на тој бизнис, преку закон за стартапи и стимулирање преку дотации, грантови…, вели Пекевски.
Стабилност и предвидливост посакува и бизнис заедницата која одамна укажува на потребите од засилен раст преку поддршка на инвестициите и извозот како главни двигатели на растот.

Горан Ѓорѓиевски; Фото: ССКМ
-Генерално очекуваме стабилна бизнис клима во 2026 година за да може да се остварат повисоки стапки на раст од 5 отсто. Вакви стапки на раст може да се остварат доколку финансиски се помогнат малите и средни претпријатија со цел да се зголеми нивната продуктивност, конкурентност, да почнат да извезуваат, како и да се зголеми производството и некој увозни производи да ги замениме со домашни, изјави за „Локално” претседателот на Сојузот на стопански комори, Горан Ѓорѓиевски.
Според него, бизнисот и наредната година ќе се бори со предизвикот за изнаоѓање на работна сила.
-Човечкиот капитал е многу важен за секоја компанија, сега се соочуваме со голем одлив на човечки ресурси. Тој недостаток и наредната година ќе мораме да го надополниме со увоз на работна сила од источните земји или пак побезболно решение би било прелевање на еден дел од државната администрација во приватниот сектор. Најголем предизвик и наредната година ќе остане намалување на сивата економија која е меѓу 25 и 38 отсто. Се надеваме дека преку е-фактура истата ќе се намали и тие пари ќе дојдат во буџетот на државата и ќе се искористат за зголемување на продуктивноста, конкурентноста, поголем извоз и посилна економија, вели Ѓорѓиевски.
Се надеваме дека во 2026 година ќе се остварат прогнозите за вистински повисоки стапки на економски раст, повисоки плати и пензии, подобар животен стандард. Се надеваме дека и Владата ќе продолжи да работи во таа насока, бидејќи веќе ги потроши сите кредити кај народот.
Б.С.