Рекордни 5,5 милијарди евра ќе тежи буџетот за наредната 2024 година. Владата вчера го усови предлогот и најави дека дефицитот е проектиран на 545 милиони евра, или 3,4% од планираниот бруто домашен производ. Исто така се предвидува инфлацијата да изнесува 3,5 проценти. Министерот Фатмир Бесими соопшти дека иако четврта година по ред живееме во криза, наредната година ќе имаме помало задолжување. Приходите се проектирани на 5,04 милијарди евра, што е за 10 отсто повеќе од 2023 година. Државниот буџет секоја година расте, но се зголемува и државниот долг. Во буџетот за 2024 се најавени повисоки плати и пензии, но фокусот треба да биде на реализација на капиталните инвестиции, барем така сметаат експертите.
Арбен Халили, кој воедно е дел од Стопанската комора на Северозападна Македонија, за „Локално“ вели дека секогаш кај носи се Буџет кој изгледа дека е за пред избори, но за жал ни се повторува дека после 3-4 месеци, се прави Ребаланс и се сведува се на фактичката состојба.
-Секоја година ни се повторува старата приказна – ќе напумпаме броеви само за да изгледа погламорузен, за во вториот квартал да видиме дека реализацијата на истите, скоро во секое министерство и најмногу таму каде што треба да се реализираат капиталните инвестиции, едвај стигнува до 10-15%. Тоа значи дека и овој предлог-буџет кој е најголем досега, без сомнение е преизборен, но ќе треба да се цени доколку барем до кај 60-70% успеат да ги реализираат капиталните инвестиции. Само така стопанството да живее и да биде во правилен правец, оценува тој.
Според прогнозите, следната година ќе бидат потребни за 18 отсто повеќе пари за платите во јавниот сектор, на што Халили вели дека администрацијата ќе продолжува да ги „цеди“ граѓаните се додека не се донесе некоја мерка пообемна мерка која што ќе овозможи намалување на бројот, односно додека не се направи проценка на ефективноста на тие луѓе што работат во администрацијата.
-Сите статистички показатели покажуваат на тоа дека вкупниот број на граѓани ни се намалува секоја година, а за жал во последните 5-6 години 600 илјади луѓе се иселени, но никако не се намалува вкупниот број на вработени во администрацијата. Се поставува прашањето кому тие луѓе служат? Вчера видовме дека министерот за економија кажа дека нема да има зголемување на платите на функционерите, но ќе има покачување на примањата во сите сектори, како и во администрацијата. Треба да има корекции и наместо повеќе приходи на товар на стопанството, да се намалуваат повеќе бројот на трошоците од администрацијата, изјави економскиот експерт.
Министерот Бесими предвидува стапка на раст од 3,4%, додека Светска банка во последниот извештај предвидува раст од 2,5 отсто во Македонија, а ММФ прогнозира 3,2%. За Халими несомнено и тоа е дел од предизборието.
-Од друга страна, инфлацијата се стабилизира насекаде и можно е да стигне до 4-4,5%, но не верувам дека ќе падне под тоа. Исто како што предвидуваат намалување на инфлацијата, предвидуваат гламурозни бројки дека ќе има зголемување на БДП. Секогаш е на Владата да укажува на позитивни бројки, но за жал кога нема да ги реазлизира, не може да излезе со објаснување и што треба да се преземе за наредните години, тврди соговорникот.
Универзитетскиот професор и економски аналитичар Абил Бауш во разговор за „Локално“ оценува дека ние со декади немаме развојни буџети и ниту една Влада досега не успеала да ја надмине онаа филозофија на размислување и да направи развоен Буџет.
-Развоен Буџет нема затоа што кога немате значајни реформи во државата, кои можат да болни, тогаш немате развојни, туку трошковни. Предлог-буџетот е кроен за пред изборите. Бројките што ги кажуваат премиерот и министерот за финансии те упатуваат кон размислување дека се прави Буџет колку за да се надмине изборната година. Ние сме во економска криза и со неа не се бори на начин на кој што го претставија оваа година. На една страна кажуваат дека Буџетот е во кризни моменти и тешки ситуации, а од друга страна викаат дека ќе има раст на плати, економски раст итн. Те става во една ситуација да мислиш дека Буџетот е кроен за изборна година, тврди аналитичарот.
Бауш дополнително објаснува зошто е потребно Буџетот да биде развоен – треба да помогне во реформи, а тие прават раст и развој.
-Кај нас тоа заборавете го, го нема. Каде ќе ги најдат средствата, не знам. Ако се има еден вид на добро планирање и менаџирање на јавните средства, мислам дека многу повеќе можат да се најдат од 18% за јавниот сектор, но тука е проблемот. Ако ги читате извештаите од Светска банка и ММФ, тие секогаш увидуваат на недобро менаџирање на јавните финансии и недобро менаџирање на јавниот долг. Сето тоа кога ќе го ставиме во едно место, ќе видите дека имате проблем понатаму, образложува професорот.
Во однос на прогнозите за стапката на раст, соговорникот тврди дека денеска е многу тешко да се прогнозира од економска страна. Во многу незавидна ситуација сме гледајќи ги економските светски трендови, ни рече Бауш.
-Сепак ако се оди по планираното и ако успееме следната година можеме да завршиме со 5,6% инфлација, со оглед дека се најавува покачување на платите во јавниот сектор и зголемување на минималната плата, прогнозите од 3,4% е можно. Сепак од министерството за економија мораат така да кажат бидејќи имаат законска обврска и мерка која треба да се совпаѓа со мерките на ЕУ – да не поминувате инфлација од 3% во државите и да не го пречекорите јавниот долг. Тие кога го креираат Буџетот мора барем декларативно да кажат дека ќе имаме инфлација од 3%. Ако се сеќавате и лани имаше јавни изјави дека ќе ја намалат инфлацијата, а стигнаа со двоцифрена, потсетува универзитетскиот професор.
Н.П.