Каков претседател ни е потребен: „Битна е обединувачката вредност, а не дали е Македонец или Албанец“

од Nikola Popovski
464 прегледи

Остануваат уште неколку месеци до изборите напролет, а партиите се уште не излегле со свои кандидати, па не е познато околу кого ќе се кршат копјата во нивните редови. Притоа партиите се уште тактизираат со тоа дали во 2024 не очекуваат двојни заеднички избори или сепак ќе бидат одвоени – претседателски, па парламентарни. Ловот на кандидати за претседателката функција се уште трае. Од опозицијата веќе се споменува професорот Спасеновски како кандидат, пратеничката Силјановска Давкова „не вели „не“ за кандидатурата, додека од власта најавуваат „проевропски кандидат“. Во услови на висока партизираност на општеството од една страна, а во контекст на истовременото собирање на 10.000 граѓански потписи од друга страна, (организирано од страна на партиите), а сето тоа заради добивање атрибут „независен“, „граѓански“ односно кандидат на општа согласност (консензуален).

Нано Ружин

Според поранешните кандидати за шеф на државата, дискретно веќе почна мерење на популарноста на можните кандидати и мали договарања во рамките на партиите. Од друга страна велат имаме неколку кандидати кои имаат нејасен статус. Поранешниот амбасадор во НАТО и дипломат по кариера, Нано Ружин истакнува дека е разбирлив интересот кој се покажува за следните избори, иако се работи за функција која што во принцип е протоколарна, но има мал дел на извршна власт. За „Локално“ ни рече дека евентуалната победа на кандидатот на една или друга партија значи многу за таа партија, пред се како една психолошка и политичка предност, но и олеснување на одредени елементи, наметнување, соработка во рамките на одредени одлуки и популаризирање на партијата.

Посочува дека досега сме биле сведоци дека често на меѓународните настани, честопати претседателот ја претставува државата.

На прашањето кој е проевропски кандидат, а кој не е, Ружин смета дека значи политизација и партизација на кандидатурата на претседателот.

-Може некој од кандидатите ќе го понесе несаканиот ореол дека е антиевропски, не е за промена на Уставот или дека е проевропски и космополитски ориентиран. Факт е дека овој не е најрелевантен критериум. Ние тоа ќе го видиме од натамошната кариера и активност на претседателот, дали ќе биде поблизу до една или друга опција. Првите импресии дека еден е проевропски, а друг не е проевропски, се повеќе оди во доменот на пропагандата и политичкиот маркетинг. Кога еден ден, идниот претседател ќе се нафати со функцијата, тука ќе му биде вистинскиот тест дали е европски ориентиран, тврди соговорникот.

Поранешниот кандидат за претседател кој беше поддржан од партијата ЛДП, не гледа проблем зошто следниот претседател не би бил Албанец, иако политичката култура на нашиот електорат е на такво ниво каде што се бира етничката припадност, а потоа квалитетите на самиот кандидат.

-Кога една Америка можеше да го избере Барак Обама и расчисти со таквите стереотипи, зошто еден ден и Македонија не расчисти со таквите стереотипи, иако се уште мислам дека не е време за тоа. Околу поддршката, се е прашање на друго. Секогаш се можни одредени изненадувања. Затоа често пати се бара да не постои одреден ризик, да се одделуваат изборот на претседател и изборот на Влада. Тоа е еден од факторите, другиот фактор е излезноста итн, истакнува Ружин.

Категоричен е дека се уште живееме во некоја балканска рамка, каде што не ни е битна програмата, капацитетот, интелектуалниот и политичкиот труд на кандидатот, туку пред се дали е кандидат на големите партии.

-Знаеме дека тие во нашиот изборен систем избираат кој ќе биде кандидат и за кого ќе гласа електоратот. Убеден сум дека едноставно, постепено ќе се надминува оваа опција. Во минатото сме имале многу случаи каде одлични кандидати со проевропска ориентација ги губеле изборите, заклучува соговорникот.

Имер Селмани

Уште еден поранешен претседателски кандидат, Имер Селмани уверува дека политичките партии и коалициите ќе си најдат одредени кандидати со кои ќе настапат, но сепак тргнува од фактот дека на нашата држава и треба унифицирачки кандидат за претседател, кој што ќе го обедини народот, без разлика на националната и верската припадност, што е многу битен именител и чинител, особено на кандидатот победник.

Во разговор за „Локално“ вели дека другиот факт од кој што не смееме да се оддалечиме е дека кандидати, особено победничкиот кандидат за нас треба да биде проевропски ориентиран и ориентиран кон вредностите на ЕУ и ќе ги продлабочи врските и односите со земјите-членки на ЕУ и НАТО.

-Без разлика дали од опозицијата или власт се предложи добар кандидат, во никој случај, не сметам дека кандидатот мора да биде од една етничка припадност. Не мора да биде Македонец затоа што ако кандидатот ги исполнува основните параметри да биде човек, лидер и посветен политичар кој што ќе го здружи и сплоти народот и кој што ќе донесе единство во крупните политики, особено во надворешната политика. Предзнакот „етнички“ во ваква држава и ваква Македонија која што веќе ја живееме како европска, не треба да биде тој што ќе ги исклучува останатите кандидати. Во минатото сме имале претседатели кои што знаеле да ги обединат граѓаните, особено покојниот Борис Трајковски беше човек кој што остави длабока трага и во однос на обединувачкиот факт во верска и етничка линија. Таа вредност е битна, а не дали е Македонец или Албанец, прецизира поранешниот министер.

За претседателот Стево Пендаровски, вели тој во изминативе пет години не се постави како партиски кандидат и како кандидат кој што чита и слуша наредби од политичките центри.

-Ценам дека положи политичка зрелост која што му дава одреден кредибилитет за да се кандидира повторно, ако ја добие поддршката од коалициските партнери во актуелната власт, заклучува Селмани.

Н.П.

Слични содржини