Каква политика ќе води македонската Влада доколку Трамп се врати во Белата куќа: „Мицкоски не мора да отвори шампањско, но полесна би му била соработката со лица и бизнисмени блиски до републиканците“

од Nikola Popovski
807 прегледи

Трамп и Харис ги водат последните часови од кампањата во битка за неопределени гласови. Се организираат последните митинзи пред Американците да излезат на гласање на 5-ти ноември за новиот шеф на Белата куќа. Двајцата ривали се упатија кон западот на земјата во Невада-уште една колеблива дестинација на изборната мапа. Меѓусебните обвинувања и вперувањето прст еден кон друг продолжија во надеж дека ќе ја обезбедат довербата кај гласачите во САД. Сепак, особено важно прашање, покрај Американците, но за остатокот на светот, е и надворешната политика на САД – дали ќе дојде до промена? Сите ја знаеме силата на Америка и нејзиното глобално влијание врз регионите ширум земјината топка…

Кого поддржува македонската Влада?

Доколку се суди според првата средба што македонскиот премиер ја имаше на маргините на самитот во Вашингтон во месец јули, Христијан Мицкоски не е меѓу оние европски политичари кои стравуваат од враќањето на Трамп во Белата Куќа. Придружуван од министрите за надворешни работи, внатрешни работи и одбрана, Мицкоски за прв соговорник во Вашингтон го одбра Ричард Гренел, поранешен дипломат и поранешен в.д. координатор на американските разузнавачки служби. Ако Трамп победи на претседателските избори во ноември, Гренел се смета за кандидат за висока извршна позиција позицијата во администрацијата, па дури и за државен секретар (министер за надворешни работи).

Дел од експертската јавност смета дека македонската Влада веројатно би ја искористила промената на власта во САД како можност да се добие посилна поддршка за Македонија во меѓународните односи. На краток рок таков исход на изборите ќе се прикаже како доказ дека било оправдано одолговлекувањето со уставните промени за почеток на преговори со ЕУ, бидејќи се чекале подобри меѓународни услови. Според политичкиот аналитичар, Александар Илиев, исто така, логично е да се направи напор за зголемување на инвестиции од страна на компании од САД, блиски до републиканците.

Александар Илиев

-Меѓутоа, за држава како САД, Македонија ќе се согледува во поширок контекст на меѓународните односи. Тоа значи дека САД ќе имаат поблиска соработка со Виктор Орбан, а односот кон Македонија ќе е во корелација со таа соработка, тврди Илиев во разговор за „Локално“.

Со сигурност, истакнува соговорникот, дека Мицкоски ќе испрати честитка до кандидатот кој ќе победи на следните избори во САД. Без разлика кој и да е победник, Македонија во САД ќе гледа свој клучен сојузник. Сепак, според контактите, кои ги остварија претставници на ВМРО ДПМНЕ во САД и Македонија во изминатите неколку месеци, смета Илиев, јасно е дека полесна би им била соработката со лица и бизнисмени блиски на Трамп и републиканците.

-Според анкета на компанија Великон постои јасна поделба меѓу граѓаните на поранешните југословенски републики во однос на претстојните избори во САД. Додека мнозинството граѓани на Словенија и Хрватска се наклонети кон Камала Харис, граѓаните на Србија се јасно определени за Трамп. Иако граѓаните на Македонија не биле анкетирни, сепак видливо е дека лидерите на партии од власта се наклонети кон Доналд Трамп. Дополнително, блискоста на Виктор Орбан со Доналд Трамп и блискоста на Орбан и Ричард Гренел со сегашната влада во Македонија се дополнителни индикатори дека победа на Трамп ќе биде пречекана со задоволство од страна на владеачките партии. Различната перцепција во различни држави на Балканот е заснована на начинот на кој мнозинтсвото граѓани ги перцеприраат меѓународните односи, како и на вредносниот систем кој доминира во различни држави. Камала Харис се залага за право на абортус, родова еднаквост, непопустливост кон Русија, блиска соработка на САД со ЕУ и НАТО, а од друга страна Доналд Трамп се залага за конзервативни вредности и договарање со Русија за зони на влијание и промена на граници на независни држави. Оттука, прашањата поврзани со морални вредности и со начин на решавање на војната во Украина се клучни за ставовите на граѓаните кон претседателските кандидати во САД. Секако, не треба да се заборави дека постојат и економски интереси и соработка кои влијаат врз интересите на политичките елити и нивните ставови, анализира Илиев околу тоа дали има поголема поддршка за Трамп во земјава, но и во регионот и зошто е тоа така.

Каква е иднината на Балканот доколку Трамп седне во Белата куќа?

Аналитичарот смета дека во такво сценарио на Балканот ќе претстои период на зголемено влијание на Унгарија, несигурност во однос на решавање на предизвиците за односите меѓу Косово и Србија и предизвици за унитарноста на Босна и Херцеговина. Исто така, може да се очекува период на намалување на директното влијание и ангажман на САД на Балканот, зголемена несигурност во релевантноста на НАТО за безбедноста на Источна Европа и Балканот, економски договори кои се во линија на протекционистички политики на САД и зголемување на популарност на политичари кои се слични и/или блиски со Трамп.

-Победа на Трамп ќе ја намали соработката и степенот на координација на САД и ЕУ во однос на Русија и Кина. Клучните земји членки на ЕУ, како Франција, Италија, Германија и Полска немаат ист поглед, со Трамп, за решавањето на конфликтите во Украина и Блискиот Исток. Од друга страна Виктор Орбан кој се залага за реформа на ЕУ и има слични погледи со Трамп за надворешната политика на ЕУ, ќе добие клучен сојузник во САД и ќе може да го зајакне своето влиајение на Балканот. Важно е да се напомене дека Орбан е силно критикуван од претседателката на ЕК, Урсула Фон дер Лајен за неговата политика кон Кина и Русија. Затоа, победа на Трамп ќе значи предивик за односите меѓу САД и ЕУ и ќе ја намали веројатноста за координаран однос н ЕУ и САД кон Русија и Кина. Победа на Трамп ќе значи поголема поддршка за владата на Бенџамин Нетанјаху и намалена поддршка за Украина. Победа на Трамп може да го охрабри Бенџамин Нетанјаху да продолжи поуверено во неговите планови за промена на статусот на Газа, а во користење воена сила. Понатаму, додека ЕУ е за продолжување на поддршката на ЕУ и НАТО за Украина, Трамп е за намалување на истата и за брзо постигнување мир или примирје под услови кои се блиски на барањата на Русија и предлозите на Кина. Следствено, победа на Трамп може да предизвика зголемени тензии на Блискиот Исток, а ќе ја охрабри Русија дека во 2025 година е можно решение со кое истата би добила признавање на анексија на делови на територија на Украина и гаранција дека Украина нема да стане членка на НАТО. Во таков геополитички контекст и на Балканот може да сведочиме на нова динамика и нови принципи за репшавање на споровите на Балканот, но и за зголемување на влијанието на Унгарија, појаснува Илиев.

Сепак, додава дека не е важно само колку САД се активни на Балканот, туку какви се активностите и на што е даден фокус. Потребно е САД да даде фокус на поддршка за изградба на одредена критична инфраструктура, поддршка на независни и професионални медиуми и борбата против корупција, вели соговорникот. Оценува дека би било мудро САД да влијае врз изградбата на критична инфраструктура во областа на сообраќај, енергетика и комуникации бидејќи истата влијае за економската и геополитичка насоченост и зависност на државите.

-Еден од тие проекти е Коридор 8, на кој пред околу еден месец единица на вооружените сили на Британија ги тестираше условите за воен транспорт од Албанија до Бугарија. Овој коридор има своја геополитичка и безбедносна димензија, кој има глобално и регионално влијание. Понатаму, САД треба да го зголемат поддршката на независни и професионални медиуми бидејќи тие се клучни за спречување на штетно влијание врз ставовите на граѓаните и демократските процеси. На крај, поддршка во борбата против корупцијата, трговија со наркотични средства и друг организиран криминал е од суштинска важност за државите во Западен Балкан да станат вистински демократии и искрени партнери на САД и ЕУ. Меѓутоа, начините на кои САД ќе се ангажира на Балканот во голема мерка ќе зависат од исходот на изборите идната седмица, заклучува Илиев.

Од друга страна, дел од експертите сметаат дека македонската Влада нема ниту влијание ниту амбиции, доколку победи Трамп, па да одлучува да менува нешто во својата глобална стратегија. Универзитетскиот професор и поранешен амбасадор на Македонија во НАТО, Нано Ружин смета дека можеби некои од членовите на Владата кои што се блиски до Орбан и до оската Унгарија-Србија-Македонија очекуваат подобрување на статусот и валоризација на тоа што Орбан и Трамп имаат добри односи. Вели дека индиректно нашата Влада би била задоволна со оглед дека е блиска до унгарскиот премиер.

Нано Ружин

-Премиерот Мицкоски не мора да отвори шампањско, но, секако ќе има одредени очекувања во смисла дека доаѓањето на Трамп индиректно ќе влијае врз позициите и статусот на С. Македонија, иако малку верувам во тоа, затоа што гледаме дека ЕУ, пред се нејзините најсилни држави-членки како Франција и Германија, поблиски се до Камала Харис. Не треба ниту ние како држава и народ да очекуваме големи промени на американската надворешна политика кон Западен Балкан, иако на пример, Белград се многу надева дека ќе дојде до осетни зајакнувања на позициите на држави кои отворено застануваат до Трамп. Исто така не е тајна да се каже дека во Македонија и соседството, меѓу јавното мислење постои поддршка за Трамп, не само дека е десничар, но, сепак, можеби глобалната геостратешка ситуација, можеби ќе заземе друга насока и можеби народот во нашите краишта можат да сметаат дека Трамп навистина имал одредено влијание во изнаоѓање мировна агенда за Украина, со оглед дека кажа како ги респектира Путин, Си Џинпинг, па и Ким Џонг-Ун. Тој е комуникативен човек и затоа можеби се очекува одредено смирување на состојбата во Источна Европа, рече Ружин во разговор за „Локално“.

Според него, промените на лидерите во Белата куќа не носат некои револуционерни промени и нагли свртувања на надворешната политика на САД.

-Некогаш токму личниот контакт како на пример меѓу Џорџ Буш и Борис Трајковски помагаат во одредени аспекти, но во суштина надворешната политика на САД е насочена кон големите прашања, кризните жаришта, економските кризи…Балканот е во некој трет или четврт план и тоа не е одлика на политиката на Трамп. Тој е повеќе свртен кон САД и прашањето за мигрантите. Прво Америка, па потоа останатото, вели Ружин за „мотото“ на американските лидери.

Сепак додава дека од бројните критики на американскиот унилатерализам, од страна на Русија, Кина и останатите од БРИКС, Американците почнуваат со голема внимателност да се присутни во разни региони, вклучувајќи го и Балканот. Ружун тврди дека во очите на Американците, можеби поголемо влијание предизвикува односот меѓу Србија и Косово, евентуално статусот на Република Српска во рамките на Федерацијата БиХ, „додека мислам дека на односот меѓу Скопје и Софија не обрнуваат големо внимание и оставаат тоа да се реши во рамките на ЕУ, а знаеме дека Преговарачката рамка е таква и ќе се бара да попуштиме со уставните измени“.

-Мислам дека американските активности на овој план нема да ги почувствуваме. Од она што беше мое искуство во Алијансата, мислам дека кога би се запалило некое црвено светло или напнатост, САД веројатно преку ЕУ или НАТО би се вклучиле, но, засега никој не чувствува потреба или простор каде Америка би се ангажирала, освен можеби во доменот на економијата и инвестициите. Независно кој ќе победи на изборите, ќе нема зголемено присуство на Западен Балкан, освен ако нема некоја поголема криза во земјите над нас, потенцира поранешниот македонски амбасадор во НАТО.

Средба на премиерот Христијан Мицкоски со Ричард Гренел

Ставот е јасен – граѓаните во САД ќе одлучат кој ќе биде претседател на нивната земја. Очекувам идниот претседател на САД да има интерес и негов фокус да остане Балканот и регионот. Само така можеме како регион да напредуваме во било која смисла, вака рече премиерот Христијан Мицкоски на 11-ти септември во гостување на телевизија запрашан за изборниот процес за претседател во САД што треба да се одржи во ноември.

На прашањето кој би сакал да победи – Доналд Трамп или Камала Харис, претседателот на македонската влада кажа:

„И демократите и републиканците имаат своја историска институционална меморија во регионот. Очекувам кој и да победи да има поголем фокус и поголемо влијание во самиот регион“.

Високи гости од САД кои кон крајот на јули беа примени од претседателката и премиерот, беа претставени како бизнисмени и инвеститори. Во неодамнешно интервју, Мицкоски додаде и дека се блиски до републиканскиот кандидат за претседатал на САД, Доналд Трамп.

Тогаш од кабинетот на премиерот објавија дека тој остварил средба со Крис Павловски – основач и извршен директор на интернационалната компанија „Рамбл“, Хауард Лутник – основач и извршен директор на една од водечките финансиски коорпорации во САД – „Кантор Фицџералд“ и Девин Нунес – поранешен конгресмен на Калифорнија, сега извршен директор на Трамп корпорација за медиуми и технологија.

Н.П.

Слични содржини