Какви пораки се испратија на Илинден: „Мора да се разграничи државничкото од партиското чествување, разликата ја поставува народот“

од Nikola Popovski

Обединување околу изворните илинденски идеали, мултикултурниот карактер на државата во крушевскиот Манифест, почит за борците за македонската кауза, се дел од пораките на државниот врв за прославувањето на Илинден. Традиционално како и во изминатите 30 години, на овој ден присутни се и поделбите. Повици за заедништво и за надминување на поделбите се редовна пракса во говорите на политичарите за време на прославата. Но, реалноста е поинаква, бидејќи со години власта и опозицијата не се сплотени, а поделени се и граѓаните. Извесно е дека заедничко чествување со Бугарија нема да има и покрај неодамна потпишаниот билатерален протокол меѓу двете земји. Одбележувањето на празникот e на три локации – Крушево, Пелинце и Скопје, за кои секоја година се менуваат претседателот на државата, претседателот на Собранието и претседателот на Владата според системот на ротација.

Тодор Чепреганов

За професорот и познат историчар Тодор Чепреганов, секое чествување што се прави во однос на било кој настан, личност или некој процес, во суштина треба да покаже дека заедницата е сплотена и настаните што се чествуваат го обединуваат народот и дека сите политички чинители се единствени во пораката што ја испраќаат. Сепак во разговор за „Локално“ вели дека на македонската сцена тоа не е така.

Почнувајќи од осамостојувањето на Македонија, чествувањата стануваат партиски-политички чествувања. Како која партија доаѓа на власт, како да го присвојува и му дава партиски белег на секое чествување. Се добива ситуација кога секоја партија му дава свој наратив на настанот. Исто се случува и со Илинден. Видовме вчера на колку места се чествуваше и секоја партија си го чествува на свој начин. Се уште не може да се разграничи државничкото од партиското чествување. Разликата ја поставува народот. Без разлика на се, го чествува Илинден како дел од својата колективна меморија и тоа политичарите не можат да го разберат, посочува Чепреганов.

Со честитка вчера се огласи и бугарскиот претседател Румен Радев, кој не пропушти да вметне ситни провокации, истакнувајќи дека „уставната еднаквост е завет на Илинденците“. Тој исто така порача дека „востанието го објавиле камбаните од бугарските цркви“. Чепреганов оценува дека Бугарите си ја тераат водата својата воденица и тоа не е ништо чудно.

Од Радев треба да се гледа како се бранат националните интереси. Несомнено дека Бугарите настојуваат секој настан да го искористат за да добијат тоа што бараат- вметнувањето на Бугарите во Уставот. Не чуди негоавата изјава. Ние ги потпишавме протоколите и сега мора да се оди по нив, а Софија сето тоа го користи, ни рече историчарот.

Според него, Бугарите не го чувствуваат Илинденското востание за свој празник.

Ова почнува некаде од 60-тите години од минатиот век кога по партиска директива е воведено чествувањето на Илинденското-Преображенско востание. Илинденското востание од 1923 година со формирањето на Илинденската организација го чествуваат само Македонците. Бугарите не учествуваат во чествуваањрто на Илинденското востание и никаде во тие чествувања не е спомнато Илинденско-преображенско востание. Илинденското востание му припаѓа на македонскиот народ. Ова што го говори сега Радев со сите негови изјави е се во стилот да го добие тоа што го бара, дециден е Чепреганов.

Н.П.

Слични содржини