Какви се очекувањата од претстојната средба Турција-ЕУ

од Vladimir Zorba
103 прегледи

  

 

Ротацискиот претседавач на ЕУ – бугарскиот премиер Бојко Борисов, на 26 март ќе биде домаќин на средба во бугарскиот црноморски пристанишен град Варна, на која ќе присуствуваат турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган, претседателот на Европскиот совет Доналд Туск и претседателот на Европската комисија Жан-Клод Јункер.

Средбата ќе биде судбоносна, не само затоа што Турција и претседателот Ердоган се соочуваат со остри критики од европските политичари, туку и од перспектива на иднината на односите меѓу Турција и ЕУ.

Во европските критики кон Турција се тврди дека има отстапување од демократските права и владеењето на правото, особено по вонредната состојба, воведена од страна на Владата на Партијата на правдата и развојот (АКП) по обидот за воен преврат на 15 јули 2016 година.

Меѓу најсериозните проблеми се апсењата на новинари, писатели и политичари кои се обвинети за тероризам и шпионажа, масовните отпуштања на политичари од државни служби поради наводни врски со нелегалната мрежа на Фетхулах Ѓулен, исламски проповедник кој живее во САД, обвинет за организирање на обидот за преврат и поради наводни врски со илегалната Курдска работничка партија (ПКК).

Во последните недели, воената операција на Турција во Сирија за чистење на нејзиниот граничен реон од борци на Силите за заштита на народот, огранок на ПКК во Сирија, беше додадена на списокот со критиките. Европскиот парламент на 15 март повика да се прекине, на што Турција се спротивставува.

Од друга страна четири месеци пред обидот за преврат, во март 2016 година, Турција и ЕУ потпишаа принципиелен договор во врска со миграцискиот бран кон земјите од ЕУ, предизвикан од граѓанската војна во Сирија. Договорот, склучен под покровителство на германската канцеларка Ангела Меркел, предвидуваше споделување на товарот на Турција за прием на сириските бегалци, отворање на нови поглавја во процесот за членство во ЕУ, политички контакти на високо ниво меѓу Турција и ЕУ и олеснување на визниот режим за земјите од Шенген зоната во рамките на ЕУ.

Анкара ја обвини ЕУ дека не го почитува договорот, додека Турција го исполни својот дел за спречување на илегалната миграција во соработка со Грција. Ердоган и други турски одговорни претставници постојано велат дека ЕУ дури не успеала како што треба да го сподели бремето (на бегалците), додека европските политичари ја нагласуваат состојбата со демократијата во Турција како оправдување за доцнењето.

Но, на истиот ден кога до раководството на ЕУ беа упатени повици да не се дава ни цент на Турција, затоа што таква финансиска поддршка би можела само да ги зајакне авторитарните тенденции во Турција, на 14 март Европската комисија одобри пакет со помош од три милијарди евра да го споделат товарот со Турција.

Следниот ден дојде повикот на Европскиот парламент до Турција, кој нема обврзувачки карактер, но ја испушти пареата на европските политичари кои се лути на Анкара. За раководството на ЕУ чекорот е еквивалентен на тоа да се убијат со еден удар две муви, затоа што критиките кон Турција беа комбинирани со деблокирање на голем пакет помош за Анкара за ублажување на односите на дипломатско ниво.

При такви околности, што може да се очекува од состанокот во Варна?

Знаците укажуваат на можно сценарио кое би довело до почеток на преговори за надополнување на постоечкиот договор за царинска унија меѓу Турција и ЕУ. Европските политичари би можеле да им кажат на нивните гласачи дека чекорот е во нивна корист, и турската Влада може да им каже на турските гласачи, дека и покрај тврдењата за промена на ориентацијата од Запад кон Исток, односите со ЕУ се обновуваат.

Ердоган може да инсистира на олеснување на визните барања за некои инвеститори и научници, но во оваа фаза тешко е да се каже дали тој ќе го постигне тоа. Од друга страна, работата за подобрување на царинскиот унија изгледа дека е изводлива за сите земји.

 

Хуриет Дејли Њуз – Анкара