Какво влијание би можел да има делта сојот врз бремените жени?

од Stefanija Kuzmanovska
390 прегледи

Делта сојот доминира низ целиот свет, а здравствените власти во некои земји предупредуваат за неговото влијание врз бремените жени.

Неколку врвни здравствени официјални лица во Англија издадоа заедничка изјава во која ги повикуваат бремените жени да се вакцинираат против коронавирусот.

Тие посочија на нови податоци кои покажуваат дека 98 отсто од бремените жени примени во болница со ковид-19 во земјата од мај не се вакцинирани.

Светската здравствена организација (СЗО), исто така, порано рече дека заразените бремени жени се соочуваат со зголемен ризик да развијат сериозна форма на ковид-19 во споредба со оние жени кои не се бремени и кои се на слична возраст.

Една загриженост е дека ризикот може да биде уште поголем кај делта сојот, за кој се покажа дека е позаразен и може да предизвика посериозни болести отколку претходните варијанти на вирусот.

Дали делта сојот е поопасен за бремените жени?
Делта сојот е позаразен и може да предизвика посериозни заболувања кај сите, вклучително и бремените жени.

Последните податоци собрани од страна на „UK Abstetric Surveillance System“ (UKOSS) покажаа дека се зголемува бројот на бремени жени со ковид-19 на кои им е потребна хоспитализација поради делта сојот во Велика Британија, пренесува Си-Ен-Ен.

„Во споредба со првичниот вид на вирусот, новата варијанта предизвика посериозни заболувања кај бремени жени“, вели Ендрју Шенон, професор по акушерство на Кралскиот колеџ во Лондон, во изјава за Британскиот научен медиумски центар.

„Ова ја вклучуваше потребата за употреба на механички вентилатори, прием на интензивна нега и пневмонија, што е поверојатно да се случи во повеќе од 50 проценти од случаите“, додаде професорот.

Податоците собрани од UKOSS покажуваат дека околу 33 проценти од жените во болницата со ковид-19 имале потреба од механички вентилатор, и дека на 15 проценти им била потребна интензивна нега.

Кои се ризиците за бебињата?
Претходните студии покажаа дека инфекцијата со ковид-19 го зголемува ризикот од негативни последици и за мајката и за бебето. Овие ризици вклучуваат прееклампсија, инфекции, прием во единицата за интензивна нега, па дури и смрт.

Според априлската студија објавена во „JAMA Pediatrics“, која испитувала над 2.000 бремени жени во 43 медицински установи во 18 земји, бебињата родени од мајки заразени со коронавирус, исто така, имале малку поголем ризик од предвремено породување и мала тежина при раѓање.

Новите податоци собрани од UKOSS покажаа дека една од пет жени примени во болница со сериозни симптоми на ковид-19 се породиле предвреме, а веројатноста за породување со царски рез се удвоила. Едно од пет бебиња родени од мајки со симптоми на коронавирус, исто така, беа примени во одделот за новороденчиња.

Дали вакцината е безбедна за бремени жени?
Да. Студиите и податоците од реалниот свет покажаа дека не постојат посебни грижи за безбедноста на бремените жени или нивните бебиња при примање на вакцината против ковид-19.

„Стотици илјади бремени жени ширум светот се вакцинирани, безбедно и ефикасно се заштитуваат од ковид и драматично го намалуваат ризикот од сериозни болести за нивното бебе“, рече Џил Волтон, извршен директор на Кралскиот колеџ за акушерки во Велика Британија, се вели во соопштението.

Американските центри за контрола и превенција на болести (ЦДЦ), Заедничкиот комитет за вакцинација и имунизација во Обединетото Кралство и австралиската техничка советодавна група за имунизација советуваат бремените жени да се вакцинираат против ковид-19.

СЗО вели дека бремените жени треба да ја добијат вакцината во ситуации кога придобивките од вакцинацијата ги надминуваат потенцијалните ризици – на пример, ако живеат во области со голем број заразени лица.

Може ли жените кои дојат да се вакцинираат?
СЗО препорача да се вакцинираат жените кои дојат и соопшти дека жените не треба да престанат да дојат поради вакцинација, бидејќи е малку веројатно дека тоа ќе претставува некаков ризик за бебето.

Слични содржини