Камчев сведочеше за „Меѓународен сојуз“: Јас не сум кредибилен и барам изземање од својство на сведок

Во рамки на денешното рочиште за случајот „Меѓународен сојуз“, сведокот Орце Камчев, кој беше спроведен од „Шутка“, посочи дека сака да биде изземен од ова својство. Имено, тој во своето обраќање истакна дека во земјава грубо се кршат законите, со што како што посочи, се нарушува неговиот кредибилитет.

Но, што се однесува до „Меѓународен сојуз“ на Бојан Јовановски, тој посочи дека за истиот дознал во август или септември 2018. година.

„Ми беа понудени два проекта за инвестирање, еден за старечки дом и еден за фешн мол. Договорите ми беа понудени од лица кои во моментот не се присутни во судницата, Зоран Милевски Кичеец, Катица Јанева и нејзиниот син. Ми беше презентиран бизнис план за шопинг центар на локација во општина Карпош, ми беше кажано дека преку телевизија ќе се бараат спонзори и брендови. Не го прифатив, затоа што немав економски бенефит“, посочи Камчев и додаде:

„Вториот договор беше за старечки дом, изготвен беше елаборат за лица носени од странство. Бојан бараше локација во општина Карпош и јас имав една моја локација. Не го потпишав договорот, не дека затоа што беше спорен капацитетот, туку локацијата имаше многу спорни моменти. Бројките не покажуваа профитабилна стапка“

Камчев вели дека договорот според него, бил прескап и неисплатлив, но кога ја одбил соработката со невладината бил оформен предметот „Рекет“.

Сведокот меѓудругото посочи и дека самиот му понудил договор на Бојан Јовановски во висина од 300 илјади евра. Оваа сума всушност ја исплатил преку две фактури од по 150.000 евра – едната од ОК Медиа, а другата од Систина. Овие пари и биле исплатени на сега веќе згаснатата 1 ТВ за рекет.

„Во Македонија нема телевизија која земала 150.000 евра од еден договор и тоа без минута рекламирање во прајмтајм“, додаде Камчев.

Инаку, тој денеска во Кривичниот суд беше спроведен од затворот „Шутка“ каде е во притвор за плацевите на Никола Груевски на Водно.

Слични содржини