Кандидатите за британски премиер се против нов референдум за независност на Шкотска

од Stefanija Kuzmanovska

Кандидатите за раководство на Конзервативната партија на Велика Британија, Риши Сунак и Лиз Трас изјавија дека нема да дозволат нов референдум за независност на Шкотска доколку бидат избрани за британски премиер.

Двајцата наизменично одговараа на прашања на шкотски новинар, како и на публиката, за време на дебатата одржана во Перт, Шкотска, во вторникот.

„Ако бидам избранa за премиерка, нема да дозволам уште еден референдум за независност“, рече Трас.

Таа додаде дека гласањето во 2014 година било еднаш во генерација и дека наместо „да се залага за уште еден референдум“, шкотската прва министерка Никола Старџен треба да се занимава со „вистинските прашања во Шкотска“.

На истото прашање Сунак одговори дека не може да замисли во какви околности да дозволи да се одржи нов референдум.

„Живееме во унија која, се разбира, се заснова на согласност и демократија и јас го прифаќам тоа. Но, јас едноставно не мислам дека некој мисли дека сега или кога било во блиска или далечна иднина е време да се фокусираме на тоа“, рече Сунак.

Членовите на британската владејачка Конзервативна партија во моментов гласаат за нивниот следен лидер, кој ќе биде и идниот премиер на Велика Британија.

Според интерните анкети, Трас води со одредена разлика.

Новиот лидер на Конзервативната партија, како и премиерот, ќе биде назначен на 5 септември.

Слични содржини