Караџовски: Нема зголемен број на заболени наставници и ученици од Ковид 19

Претседателот на Комисијата за заразни болести, Жарко Караџовски во рамки на денешната прес конференција, информираше дека во најголем дел од државата немаме зголемен број на заболени наставници и ученици.

„Во државата има околу 40 илјади ученици кои се опфатени во фазата на едукација. Во моментов знаете дека функционира со физичко присуство од прво до трето одделение.Во најголем дел од државата немаме зголемен број заболени наставници, учители и ученици, што би било сигнификантен број за да се преземат одредени мерки за намалување на опцијата дека треба да се едуцираат со физичко присустсво“, истакна Караџовски во одговор на новинарско прашање.

Исто така, информираше дека според последните информации, во скопското училиште „Владо Тасевски“ има неколку професори и ученици кои се инфицирани, и тоа, како што додаде, го очекуваат, но тоа не е таква бројка за да може да се запре наставата во сите училишта во државата.

„Апсолутно ја следиме состојбата во државата, имаме непосреден контакт со Министерството за образование и наука, со Министерството за здравство и ако дојде некој допис до Комисијата за заразни болести ние тогаш реагираме во делот на проверка на тие факти. Но, тоа не е сигнификант број за сите основни училишта во државата за да се запре процесот на едукација“, посочи претседателот на Комисијата за заразни болести.

Во рамки пак, на полагањето на матурата, Караџовски информираше дека во Комисијата за заразни болести е доставен допис за организација на матурата.

„Тој допис е разгледан, со протоколот кој ние го направивме, го дадовме нашето мислење до Министерството за образование и наука ако треба и на кој начин, користејќи ги кои средства и мерки да се организира и полагањето на државна матура во оваа календарска година“, истакна Караџовски.

Слични содржини